Високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, изјави во неделата вечерта дека целосната забрана за влегување на Русите во блокот „не е добра идеја“, по медиумските извештаи дека држави членки се подготвуваат да ги суспендираат визните договори со Москва.
„Не сум за престанување на издавањето визи на сите Руси“, рече Борел во интервјуто за австриската национална телевизиска мрежа ORF.
Додаде дека не верува оти прекинот на контактите со руските цивили би имал „позитивни резултати“. Исто така, истакна дека не верува оти таа идеја ќе ја добие неопходната едногласна поддршка меѓу државите членки на ЕУ.
Според Борел, потребно е да се ревидираат некои постапки за издавањето визи за „одредени групи Руси“, но ја отфрли целосната забрана.
„Мораме да бидеме селективни, не можеме да преземеме општа мерка“, рече Борел, додавајќи дека е сигурен оти министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, кои треба да се сретнат следната седмица, ќе прифатат урамнотежен пристап за оваа идеја.
Идејата за ограничување на влезот на руските туристи во ЕУ се појавија неодамна во прв ред од страна на балтичките земји, откако во некои европски земји се појавија информации за масовни доаѓања на Русите на летен одмор преку соседните земји на Унијата. Вообичаено, и според договорот меѓу Брисел и Москва, визата којашто ја издала која и да е земја овозможува пристап за сите други 26 членки на шенгенската зона виза, односно пасош.
Весникот The Financial Times претходно извести дека некои држави членки на ЕУ се подготвуваат предложат суспендирање на договорот за визните олеснувања од 2007 година со Русија поради војната во Украина.
„Министрите за надворешни работи на ЕУ се подготвени да дадат политичка поддршка за суспензијата на дводневен неформален состанок во Прага во вторникот и средата“, објави британскиот весник повикувајќи се на три неименувани функционери во разговорите.
Тој потег го прошири делумната суспензија воведена во февруари за руските политички и државни функционери и деловни лица, така што би ги вклучил и руските цивили кои бараат визи за ЕУ, објави The Financial Times.
Суспендирањето го прави процесот на издавање визи за ЕУ покомплициран, поскап и побирократски, како и продолжување на времето на чекање на одобрување, според насоките од Европската комисија.
Чешка, Финска и Естонија, откако воведоа сопствени визни ограничуваа, сега се заземаат за таква одлука на ниво на целата ЕУ и повикаа на целосна забрана за патувања на руските државјани во Унијата.
Германија и ЕК, меѓутоа, повикаа на претпазливост против забраната за издавање туристички визи или целосна забрана за руските државјани да патуваат во Унија. Критичарите на идејата изразија и хуманитарна загриженост.
Европската унија веќе донесе седум кругови политички и економски санкции за Русија поради војната во Украина, покрај оние од донесени од 2014 година, вклучително и забраната за влегување на руските воздушни транспортери во воздушниот простор на ЕУ.