Борел во Киев ја нагласи „непоколебливата поддршка“ на ЕУ за Украина

Претставникот за заедничка надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Жозеп Борел, пристигна во вторник во Киев за да ја нагласи „непоколебливата поддршка“ на Унијата за Украина додека војната се приближува кон третата година.

Борел рече дека ќе разговара за воената и финансиска поддршка за Украина, како и за реформите и напорите на земјата да се приклучи на 27-члениот блок.

Доаѓањето на Борел, кој ја прави својата четврта посета на Киев од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, доаѓа во клучен момент во војната, оценува Reuters.

Европската унија минатата седмица одобри четиригодишен пакет помош од 50 милијарди евра за Украина, како голем поттик за Киев, кој во голема мера зависи од воената и финансиската поддршка од западните сојузници.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на платформата Х објави дека ЕУ има намера да започне со плаќањата уште во март. Украинската влада најави дека очекува исплата од околу 4,5 милијарди евра од ЕУ следниот месец.

Голем пакет помош од Соединетите држави сè уште е блокиран во Конгресот поради политичките конфликти.

Западните политичари и медиуми последните месеции признаваат дека Украина е надсилена на бојното полет, а тоа го припишуваат на недостигот од војници и оружје на линијата на фронтот.

Украинските воени претставници велат дека се соочуваат со сериозен недостиг од  муниција и гранати, и тврдат дека руските сили наводн ја обновиле својата офанзива во неколку области во источниот и југоисточниот дел на земјата.