Борис Џонсон се подготвува за „тврд“ брегзит

Лондон веќе се подготвува да го напушти европскиот блок без договор. Британскиот премиер, Борис Џонсон, формираше таканаречен „воен кабинет“ составен од шест министри кој ќе има за задача да ја спроведе одлуката за „брегзит“ и да подготват вонреден буџет во случај одвојување од ЕУ без постигнат договор, пренесува ЕУ обсервер.

Во текот на вчерашниот ден Џонсон упати порака до лидерите во Брисел дека Лондон ќе прифати разговори околу постигнување договор само ако во ЕУ се подготвени да ги променат ставовите во врска со некои од точките во постоечкиот договор. Во спротивно, како што објави портпаролката на Џонсон, Британија на 31 октомври ќе ја напушти ЕУ без договор. Најкритични се клаузулите за таканаречен „брекстоп“ за Ирска, односно пакет безбедносни мерки со цел да се спречи создавање „тврда граница“ помеѓу Ирска и британската покраина Северна Ирска по излегувањето од Унијата.

Во меѓувреме, министерката за внатрешни работи, Прити Пател, за Дејли Мејл изјави дека ќе го забрани автоматското право за влез на жители на ЕУ во Велика Британија, без разлика дали се таму  вработени или не.