Борисов: Нашата позиција е принципиелна, потрагата по компромис не е завршена

Ден по ветото, бугарскиот државен врв со оправдувања за ЕУ блокадата на Македонија. Бевме добронамерни, но и загрижени во десетиците разговори кои ги водевме со колегите од Скопје и навистина посакуваме Македонија да ги почне преговорите, рече премиерот Борисов на денешната седница на бугарската Влада.

Претставувајќи не како најблиски пријатели, тој изрази жалење за ветото, но потсети дека потрагата по компромис не е завршена.

Нашата позицијата е принципиелна, нагласува Борисов, целосно префрлајќи ја вината на македонските власти.

„За жал, нашите пријатели од Скопје не пројавија апсолутно никаква ангажираност во таа сфера. Мислеа дека со притисок и лобирање ќе ја натераат Бугарија да ја промени својата позиција. И пак ќе речам, нашата позиција не е позиција на инат или позиција која ќе ги сопре нашите најблиски пријатели. Таа е принципиелна”.

Слична реторика дојде и од Народното собрание. Шефицата на бугарската дипломатија пред пратениците обвини дека Македонија само декларативно се залага за добрососедство и дека Скопје и понатаму продолжува со редица неосновани малцински, историски и јазични претензии.

Решението е во добивање правни гаранции, децидна е Захариева.

„Со таквиот однос, се чувствуваме принудени и должни, не само принудени, времено да ја сопреме поддршката и согласноста за одржување на првата меѓувладина конференција, се додека не добиеме јасна гаранција за црвените линии во правно обврзувачки документ”.

Покрај овие забелешки, бугарската вицепрмиерка како други примери во застојот на односите меѓу двете земји ги посочи, како што рече, административните пречки за бугарскиот бизнис во Македонија, доцнењето на транспортниот коридор 8, како и антибугарскате реторика во медиумите.