Боркица преку Службен весник поднесе тужба за развод од Груевски

Сопругата на поранешниот премиер, Никола Груевски, Боркица Груевска во Основниот граѓански суд во Скопје поднела барање за развод. Бидејќи Груевски во државава се води како недостапен на органите на прогонот, судот не може да ги одржи рочиштата и поради законски обврски објави оглас во Службен весник за да го информира. Ако бегалецот Груевски го види огласот, тој треба да одговори на тужбата,пишува МКД.

Во огласот пишува: „Пред Основниот граѓански суд во Скопје е поднесена тужбата од тужителката Боркица Груевска од Скопје, против тужениот Никола Груевски од Скопје, со непозната адреса, за развод на брак, со вредност на спорот 20.000 денари“.

Во 2018 година Груевски избега во Будимпешта откако беше осуден од Основниот кривичен суд. По него е распишана потерница, и иако сите знаат дека е во Будимпешта каде доби политички азил, во државава тој е официјално недостапен на органите на прогонот. Боркица му е втора сопруга и со неа имаат две малолетни деца.