Борко Ристовски: Ваучерите во спортот се најголема можност за корупција на власта

На денешната панел дискусија организирана од ВМРО-ДПМНЕ на тема „Четири години власт на Заев, четири години украден живот“ во однос спортот говореше Борко Ристовски кој што истакна дека ваучерите во спортот се најголема можност за корупција од страна на власта.

„На сите нивоа корупцијата цвета, ваучерот е наменет и е направен исклучиво за корупција и  исклучиво да се дава на клубови и поединци кои што се под нивна контрола нивни пријатели нивни сопартијци најтрагично е што се искористуваат и имиња на клубови на пример имаат фиктивни клубови кои што воопшто немаат членови, како и на пример има клуб во кој што нема полнолетни членови а ваучерите по закон не можат да се доделат на клубови кои што немаат полнолетни членови, значи во самиот старт се коси со законот. Ваучерот е доста паметно смислена алатка од каде што може да се извлекуваат пари и едноставно спортот, спортистите, федерациите, репрезентациите да бидат оние најпогодените“  нагласи Ристовски.

Ристовски истакна дека итно е неопходен нов закон за спорт.

„Ние веќе спремаме нов закон за спорт кој што реално, овој ваучерски систем во првиот момент ќе го отстрани да функционира се до имплементирањето и донесувањето на новиот закон, меѓутоа генерално новиот закон за спорт треба, да, на компаниите кои што сакаат да вложат во спортот им даде едно даночно олеснување. Треба да најдеме вистинско решение кое ќе биде вистинско олеснување и помош и за спортот и за оние стопанственици кои што сакаат наместо да го платат својот данок во државата да бидат ослободени и да инвестираат во спортот. Втора мерка е да се најде финансиска институција сега има во Агенцијата  за млади и спорт финансиски институции, инспекција која што треба да ги контролира сите овие работи меѓутоа сме сведоци дека таа е минимизирана. Ние ќе се залагаме за отчетност за чесност и парите да отидат на вистинските места“ додаде Ристовски.