„По голгота од 20 години, денес конечно сум слободен човек и сум можеби единствениот човек на балканските простори кој помина 11 години, што по домашните, што по меѓународните затвори“, изјави по денешната ослободителна пресуда за случајот „Кампања“, лидерот на Обединети за Македонија и советник во Владата, Љубе Бошкоски. Тој помина во затвор 5 години за овој случај кој се однесуваше на незаконско финансирање на изборна кампања, а од најголемиот затвор во државава излезе во 2016 година. Денес за предметот за кој беше во затвор доби ослободителна пресуда.
„Сведоци бевте на уште една од низата ослободителни пресуди кои се донесоа, благодарам за поддршката во целиот период на мојата голгота од 20 години. Ова ми е седма ослободителна пресуда, почнувајќи од двете хашки. Во меѓувреме имавме неколку осудителни пресуди кои потоа станаа ослободителни, и од денес, па се надевам натака во мојот живот, сум можеби единствениот човек на балканските простори кој помина 11 години што во домашните, што во меѓународните затвори. Од секаде излегов како победник верувајќи во правдата и вистината”, изјави Бошкоски по изрекување на пресудата.
За тоа дали би се вратил во политиката Бошкоски вели дека еден период ќе се повлече од приватни причини.
„Сега во овој период ќе се повлечам од политиката од приватни причини. Политиката е тука, јас во политиката. Сè уште сум претседател на Обединети за Македонија, политичка партија која овој период беше изложена на медиумски линч. Се надевам дека можам уште да придонесам за Македонија, посебно кога знам дека зад мене немам никаков товар што може да нè оптоварува мене и мојата политичка партија”, одговори Бошкоски.
За тоа дали сега ќе бара отштета од државата, вели, тоа не му е примарно сега бидејќи времето поминато во затвор никој не може да му го врати.
„Тоа е сега не е примарно, времето не може никој да го врати. Тоа е минато време, но ги охрабрувам македонските судови и судии при одлучувањето да ги земаат предвид сите докази, а не да влегува политиката во судниците. Како што велеше мојот професор по кривично право Марјановиќ: ‘Таму каде што низ вратата влегуваше политиката, низ прозорецот бегаше правдата’. Но, еве, денеска бевме сведоци дека сиот овој период бев изложен на полициско-политичко монтирани процеси кои завршија на крајот со победа на правдата и така ја доживувам оваа победа”, вели Бошкоски.
Основниот кривичен суд Скопје во повторената постапка врз основа на пресуда на Европскиот суд за човекови права, денеска донесе ослободителна пресуда за Љубе Бошкоски, во врска со случајот „Кампања“.