Финецот Валтери Ботас од тимот на Мерцедес победи во неделата на патеката во Сочи за Големата награда на Русија во Светското првенство во класата Формула 1, оневозможувајќи го клупскиот колега и актуелен шампион Британецот Луис Хамилтон да го израмни рекордот во триумфи на легендарниот Германец Михаел Шумахер.
Ботас во Сочи во десеттата трка сезонава дојде до деветтата победа во кариерата и втора оваа сезона, по триумфот на отворањето на сезоната во Австрија.
„Убаво де повторно да се победи во Сочи, сега треба да се остане во овој ритам“, изјави Ботас кој токму во Русија ја оствари првата победа во кариерата во 2017 година.
„Знаев дека во текот на трката ќе има шанси за напад на првото место, а тогаш дојде казната за Луис. Потоа беше лесно“, додаде Финецот кој во Сочи победи пред 30.000 гледачи.
Инаку ова е седмата последователна победа на тимот на Мерцедес во Сочи, четири пати славеше Британецот Луис Хамилтон, двапата Ботас, а еднаш Нико Розберг.
Втор во неделната трка беше Холанѓанецот Макс Верстапен од Ред Бул, додека третото место го освои актуелниот светски првак и моментално водечки во генералниот пласман Хамилтон.
„Можам да бидам задоволен, бевме конкурентни. Ја возев својата трка и сторив најмногу што можев“, изјави Холанѓанецот.
Хамилтон во Сочи бркаше место во историјата, но овојпат не успеа да избори победа со што ќе се израмнеше на 91 победи со Михаел Шумахер.
Хамилтон на стартот ја задржа водечката позиција во трката, меѓутоа дополнително бепше казнет двапати со по пет секинди поради загревањето пред стартот на трката во недозволена област. Мораше да оди во боксот за да ја одработи казната што на крајот го чинеше првото место. Во боксот влезе и во 16-от круг како водечки, а откако ја одработи казната се врати на 11-то место.
„Не беше најдобро, меѓутоа тоа нема значење. Мерцедес славеше и тоа е важно“, изјави Хамилтон кој очигледно не беше многу расположен.
Хамилтон сега води со 205 бодови пред Ботас кој има 161, додека Верстапен е трет со 128 бодови.
Во редоследот кај конструкторите води Мерцедес со 366 бодови пред Ред Бул со 192 и Мекларен со 106 бодови.