Божикен штрајк на железничарите во Франција, укинати стотици брзи возови

Околу двесте илјади патници се обидуваат да се снајдат во пресрет на божикниот викенд во Франција по укинувањето на железничките линии кои вообичаено ги користат, поради штрајкот на контролорите коишто државната компанија SNCF и владата ги критикуваат поради тоа што не се задоволни со зголемувањето на платите од 12 отсто во две години за што тие велат дека не соодветствуваат на растот на цените.

Секој патник чијшто воз ќе биде укинат деновиве поради штрајкот ќе добие бон за купување во вредност од два билета, соопштија во средата од SNFC, дури и доколку билетот е заменет за друг.

Патниците чиишто возови нема да сообраќаат, исто така, ќе можат да го заменат билетот со друг и нема да мора да ја плаќаат разликата во цената, додаваат од компанијата. Меѓутоа, повеќето возови коишто останале во сообраќај веќе се исполнети.

„Го разбирам нивните барања, но да се штрајкува во време на празници… Тоа е тешко и за децата и за семејствата“, рекла за AFP, Изабел Барие која дошла на париската железничка станица Гар д Лион за да ѝ ги вратат парите за билетот откако ѝ пропаднало патувањето за Тулуз.

Наместо со воз, ќе патува во петок, ден порано со автобус кој вози осум часови.

„На Божик не се штрајкува“, критикуваше портпаролот на француската влада Оливие Веран.