Петре Шилегов со особен апетит ги дава изјавите за уривање на споменикот на Александар Македонски, со што на Грците им прави некакво задоволство, вели архитектот Вангел Божиновски за „Што не е јасно“ на Алфа Телевизија, коментирајќи го интервјуто за грчките медиуми на скопскиот градоначалник кој изјави дека споменикот познат како „Воинот на коњ“ во центарот на македонската престолнина треба да биде урнат.
„Шилегов решава да урне споменик на човек кој е неизбришлив и еден од столбовите на светската цивилизација. Кој е тој човек што се осмелува да го урива споменикот на Александар, кој има споменици не само кај нас, туку по цел свет? Зошто на тие држави не им паѓа на памет да го урнат?“, прашува Божиновски
Истакна дека Шилегов треба да престане со тие реченици кои фрлаат лошо светло за сите граѓани на Македонија и на сите кои некогаш постоеле и живееле како Македонци на оваа територија.
„Изјавите за уривање на одговараат на функцијата градоначалник, градоначалник треба да биде некој кој ќе се залага за нешто да се изгради. Тој споменик во овој момент е најголемиот споменик на Александар кој претставува восхит за мнозинството луѓе како наши така и странци и носи воодушевување, и претставува изворно македонска традиција“, потенцираше Божиновски.