Ракометарите на Шпанија се пласираа во полуфиналето од Европското првенство во Хрватска, откако во средата вечерта во директниот дуел за второто место во Групата 2 во Вараждин го совладаа актуелниот првак Германија со 31:27 (14:13).
Клучен период од натпреварот во групата во којашто настапуваше и селекцијата на Македонија, беше од 34 до 44 минута кога Шпанија со серија од 8:0 од израмнетите 15:15 побегна, како што се покажа подоцна недостижните 23:15.
Давид Балагурер со шест, и Феран Соле и поранешниот „вардарец“ Алекс Дујшебаев со по пет голови беа најефикасни кај Шпанија, додека Каи Хафнер со пет голови ја предводеше Германија.
Претходно во Загреб, како и Македонија во вторникот против Чешка, домашната селекција на Хрватска ви Групата 1 не успеа пред 15.000 навивачи во Загреб да освои бод и да се пласира во полуфиналето, откако претходно Норвешка ја совлада Шведска со 28:25. Хрватите беа поразен со 27:30 (13:19) од Франција. Иако најдобрите француски играчи, Никола Карабатиќ и Лук Абалоа во поголемиот дел од мечот седеа на резервната клупа, Хрватите уште во првото полувреме ги загубија надежите овозможувајќи му на воедначениот тим на „триколорите“ да создаде голема предност од шест голови. Хрватите кои само до 10 минута имаа предност од еден гол (7:6) во самата завршница добија шанси да се надеваат на успех кога со голот на актуелниот играч на скопски Вардар, Лука Циндриќ во 53 минута дојдоа до заостанување од само гол (25:26), а во 57 минута не домашните не реализираа втор напад за доближување на гол разлика (26:28).
Мануел Штрлек со шест голови беше најефикасен кај Хрватска, а по пет постигнаа четвртиот „вардарец“ кој денеска се појави на терените Иван Чупиќ и Марко Мамиќ, додека Франција ја предводеа Недим Ремили со шест и Кентен Мае со пет погодоци.
Со ваквиот исход од натпреварите во последното коло од втората фаза Шпанија во едното полуфинале во петок ќе игра против Франција, додека втората полуфинална двојка ја сочинуваат скандинавските селекции Данска и Шведска.