Измените на Законот за спречување корупција, реформите во судството, проектите на министерството беа темите на кои разговаравме со заменик министерката за правда, Билјана Бришкоска – Бошковски.
Во интервјуто Бришкоска – Бошковски особено ја истакнува важната улога на укажувачите на корупција кои со измените на Законот за спречување корупција ќе добијат поголема институционална заштита.
На крајот на 2013 година беше објавен Нацрт законот за измени и дополнување на Законот за спречување на корупција има критики во однос на надлежностите на Државната комисија за спречување на корупција и заштитата на дојавувачи на корупција, колку овие критики се основани и што, според вас, ќе значат измените на законот за борбата против корупцијата?
Биришкоска – Бошковски: Улогата, функцијата и значењето на воведувањето на системот на пријавување од страна на укажувачите (whistleblowers) и неговата заштита, од аспект на спречувањето на корупцијата како општествено штетна појава, е од особено значење. За таа цел, потребно е јакнење на нормативните, институционалните и личните капацитети.
Всушност, институционалната борба против корупцијата невозможно е да се спроведува без воведување на системска заштита на лицата кои пријавуваат сомневање или сознание за корупција или друго незаконито и недозволиво постапување.
Од друга страна, измените во предложениот закон се резултат на воочените негативни искуства во поглед на бројот на пријавувачи, со оглед на тоа што нивниот статус и заштита не се соодветно законски уредени.
Во Република Македонија при дефинирањето на терминот „укажувач“ се користеше посеопфатен и поширок „европски“ приод, кој е во согласност со препораките на релевантни меѓународни институции, при што укажувач е не само лице кое пријавува сомневање или сознание за извршено, се извршува или е веројатно дека ќе се изврши корупција, односно кривично дело против службената должност, туку и друго незаконито и недозволиво постапување со кое се загрозува јавниот интерес, безбедноста и одбрана. Исто така, законското регулирање покрај укажувањето, опфаќа и механизми за заштитата на лицата кои пријавуваат, како битна антикорупциска мерка.
Со измените и дополнувањата на Законот за спречување на корупцијата Државната комисија добива особена надлежност во поглед на пријавувањето на нерегуларностите и заштитата на неговите пријавители-укажувачите. За таа цел, предвидени се низа мерки и активности за зајакнување на капацитетите на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Кои се активностите преку кои Министерството за правда работи за подобрувањето на ефикасноста на судството и на кој начин тоа влијае врз квалитетот на правдата?
Биришкоска – Бошковски: Изминатиов период Министерството за правда и Владата на Република Македонија посебен акцент ставија на реформите во правосудството. Тие беа насочени кон дефинирање на нормативната рамка со која се зајакнува независноста и се зголемува ефикасноста на судскиот систем. Како резултат од имплементацијата на донесените закони, можеме да констатираме, се зголеми ефикасноста во работата на судовите.
Во поглед на донесените закони, би сакала особено да се осврнам на новините во Законот за парничната постапка и во Законот за кривичната постапка. Во наведените закони вградивме одредби со кои ги забрзавме постапките преку скратување на роковите, оневозможување на странките да ги злоупотребуваат своите права, воведување на case management во судовите, воведување електронска достава, тонско снимање на рочиштата и други активности.
Ми претставува особено задоволство да истакнам дека бројот на предмети во судовите е значително намален со пренесувањето на надлежноста на нотарите и извршителите на платните налози и на старите извршни предмети кои претставуваа огромен баласт на судовите. Дополнително, во надлежност на нотарите преминаа оставинските неспорни предмети од судовите, а во надлежност на Управата за јавни приходи наплатата на паричните казни од прекршочни и кривични предмети. Конкретно, се работи за околу 490.000 предмети кои беа изземени од судска надлежност и беа пренесени во надлежност на други органи. Со тоа ги постигнавме двете зацртани цели: прво, го намаливме бројот на предмети во работа во судовите и ја зголемивме нивната ажурност и ефикасност и, второ, го зголемивме квалитетот во работата на судиите и судовите во целост преку овозможување на судиите да се сконцентрираат кон решавање на помал број предмети кои имаат типично судски (спорен) карактер.
Зголемената ефикасност на судовите се потврдува со конкретните статистички показатели за работа на судовите. Имено, во првите 9 месеци од 2013 година судовите решиле повеќе 25575 предмети или 7,5 % во споредба со истиот период во 2012 година. Како резултат од наведените реформи, може да се констатира дека бројот на нерешени предмети на крајот на првите девет месеци во 2013 година во споредба со истиот педиод во 2012 година е намален за 13517 предмети или за 6,8%.
Една од најзначајните новини во областа на кривичното право е започнувањето на примената на новиот Закон за кривичната постапка. Што очекувате од примената на овој закон кој содржи големи новини?
Биришкоска – Бошковски: Во делот на кривичната постапка го донесовме новиот Закон за кривичната постапка со кој се создаваат алатки за успешно справување со криминалот, особено со неговите организирани облици. Како најзначајни сегменти од овој закон би ги споменала преминувањето на надлежностите за водење на истрагата од истражните судии кај јавните обвинители, контрола на полицијата од страна на јавното обвинителство како и воведувањето на спогодување. За успешно спроведување на законот донесовме и Акционен план кој е успешно реализиран. Имено, усогласени се законите и другите прописи кои се поврзани со Законот за кривичната постапка. Исто така, спроведени се бројни основни и напредни обуки за субјектите кои го применуваат законот, во најголем број јавни обвинители, судии на претходна постапка, припадници на правосудна полиција, адвокати и сл. Во контекст на обезбедувањето на услови за спроведување на законот за кривичната постапка спроведени се и бројни активности за натамошно јакнење на институциите надлежни за примена на законот. Најзначајната од нив е набавката на опрема за аудио визуелно снимање на обвинетите од страна на јавното обвинителство во фазата на истрагата.
Невоедначеноста на казнената политика во судовите во Република Македонија е една од слабостите на судскиот систем која беше лоцирана и во извештаите на повеќе меѓународни организации кои работат во Република Македонија. Што преземате за да се надминат овие состојби?
Биришкоска – Бошковски: Изминатиов период ова прашање е едно од најдискутираните и најекспонираните теми и тоа во рамките на пошироката, но и од стручната и научната јавност. Овие дискусии беа поттикнати од веќе донесениот Закон за изменување и дополнување на Кривичниот закон.
Целта на донесувањето на овој закон е да се надминат наведените слабости што ќе доведе до поконзистентна казнена политика при изрекувањето на казните од страна на судовите. Со донесувањето на Правилникот предвиден во законот ќе се оневозможи да бидат изрекувани различни казни за исти кривични дела сторени под исти или слични околности. Со тоа, се очекува да бидат изрекувани предвидливи казни засновани врз објективни фактори, а не врз предрасудите на поединечни судии. Донесувањето на правилникот ќе овозможи пресметување на казната врз основа на видот на стореното кривично дело, неговата сериозност, околностите на сторување на делото, претходната осудуваност на обинетиот, како и останатите отежнувачки и олеснувачки околности.
Обезбедувањето предвидливост на казните ќе придонесе и кон одвраќање на сторителите на кривични дела, бидејќи тие однапред ќе знаат дека за стореното кривично дело ќе им биде изречена конкретна предвидлива казна без разлика кој ќе биде судијата кој постапува по предметот. Со тоа, ќе се избегнат можните лицитирања за казните што би им биле изречени на сторителите на кривични дела.
Следниот позитивен аспект од овој закон е тоа што ќе се обезбеди воедначена казнена политика на ниво на сите судови од различните апелациони подрачја. Сево ова ќе придонесе кон зајакнување на владеењето на правото бидејќи висината на казните нема да зависи од тоа пред кој суд се води постапката против обвинетиот, туку од фактите поврзани со стореното кривично дело. Искуството од државите кои познаваат вакви или слични системи се движат во насока дека воедначувањето на казанената политика на ваков начин е поправедна и за обвинетите лица. Со тоа, се зајакнува начелото на правна сигурност како еден од приоритетите при вградувањето на меѓународните стандарди во нашиот кривично правен систем.
Изминатиов период најголемо внимание во сферата на казненото право беше посветена на новиот Закон за кривичната постапка. Во него, за прв пат се воведоа нови институти. Еден од нив е институтот спогодување за вина. Какова е поврзаноста на Правилниот за кој зборувавте со овој нов институт, имајќи го предвид фактот дека и институтот спогодување за вина и механизмите за воедначување на казнената политика се преземени од Соединетите Американски Држави.
Биришкоска – Бошковски: Една од причините за донесувањето на овие измени и дополнувања на Кривичниот законик беше да се создадат претпоставки за примена на институтот спогодување за вина. Имено, донесувањето на Правилникот од кој ќе може да се согледа за каков вид кривично дело каква казна извесно го очекува обвинетиот во голема мера ќе им помогне и на бранителите на обвинетите соодветно да ги советуваат своите клиенти што е поповoлно да прифатат во спогодувањето со обвинителите.
Со кои механизми Министерството за правда ги заштитува правата на граѓаните т.е кои се законските гаранции за независност и непристрасност на судството?
Биришкоска – Бошковски: Независноста и непристрасноста се основните столбови за независност на судството. Тоа претставува гарант за заштита на човековите права. Токму во оваа сфера изминатиов период постигнавме значителни резултати.
Би сакала да истакнам дека целосно ги постигнавме зацртаните цели за зајакнување на независноста на судството и тоа во сите нејзини аспекти кои се однесуваат на институционалната и личната независност.
Клучните сегменти во оваа област се изборот, одговорноста и оценувањето на судиите. Во сиве овие сфери воведовме големи новини со што нашето законодавство целосно го усогласивме со меѓународните стандарди. Воведовме нови услови за избор на судии (познавање англиски јазик, просек, избор на кандидатот кој е оценет со највисока оценка во однос на другите кандидати и сл.), ги редефиниравме основите за нестручно и несовесно работење на судиите и за нивната дисциплинска одговорност кои се базираат врз објективни критериуми, го унапредивме системот за оценување на работата на судиите преку воведување квантитативни и квалитативни стандарди базирани врз објективни критериуми и бројни други активности.
Една од најуспешните приказни во областа на правосудството е работата на Академијата за судии и јавни обвинители. Со донесувањето на новиот Закон за Академија за судии и јавни обвинители ги подобривме одредбите кои се однесуваат на почетната и континуираната обука.
Колку изборниот законик ги зема предвид и дава одговор на препораките на набљудувачката мисија на обсе/одихр?
Биришкоска – Бошковски: Целта на реформата на Изборниот законик секако е одговор на препораките што се дадени во извештајот на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР од набљудување на локалните избори 2013 година,, како и оние препораки дадени во претходните извештаи на ОБСЕ/ОДИХР и на Венецијанската комисија
Последните измени и дополнувања на Изборниот законик се направени во духот на овие препораки и истите се однесуваат на одредби кои беа детектирани како слабости и недоследности во исполнување на демократските европски и меѓународни стандарди. Во таа смисла, изменетиот Законик бележи напредок.
Во изминатиов период сведоци сме на различни толкувања и изјави дадени од страна на одредени политички партии и медиуми во однос на тоа што и кои активности се дозволени во периодот од распишување на избори односно дали се дозволени јавни настани по повод отпочнување со градба или пуштање во употреба на нови објекти.
Членот 8-а од Изборниот законик кој ги регулира овие прашања е јасен и не остава простор за различни толкувања.
Имено, истиот уредува дека од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори па до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје МОЖЕ да се започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година , а само во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборна кампања, и за време на изборна кампања, до завршување на изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите и до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје НЕ МОЖЕ да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти. Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира, особено: давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.
Какви активности се преземаат за подобрување на условите во казнено-поправните установи во Република Македонија, од аспект на подобрување и зголемување на сместувачките капацитети и решавање на проблемот со пренатрупаноста?
Биришкоска – Бошковски: Во насока на подобрување на затворските услови во тек се крупни зафати за реформско подобрување на сместувачките услови во казнено-поправните установи. Во таа смисла, во рамките на “Проектот за реконструкција на казнено-поправните установи во Република Македонија” се преземаат низа конкретни активности за изградба и реновирање на казнено-поправните установи, кои се реализираат со средства обезбедени oд Буџетот на Република Македонија и со заем од Банката за развој при Советот на Европа. Целокупната инвестиција изнесува вкупно 52 милиони евра.
Проектот опфаќа обнова, реновирање и изградба на нови објекти во четири установи и тоа: КПД Идризово, ВПД Тетово, Затвор Скопје и Затвор Куманово, со што ќе бидат изградени и реновирани вкупно 63.000 метри квадратни.
Сите активности за изградба и реконструкција се одвиваат согласно предвидените рокови.
Со реализација на овој Проект, комплетно ќе се смени ликот на затворите и Република Македонија конечно ќе обезбеди оптимални услови за престој и работа, како на осудените, така и на вработените лица во затворите.
Покрај активностите кои се преземаат за подобрување на материјалните услови во затворите, истовремено работиме и на воспоставување на пробациска служба во Република Македонија.
Поточно, со воспоставувањето на посебна пробациска служба во Република Македонија ќе се постигнат повеќе придобивки и тоа: намалување на преполнетоста во затворите, намалување на повторот и спречување на криминалната инфекција, намалување на трошоците за извршување на санкции, успешно извршување на куќниот затвор и мерката куќен притвор преку електронско следење на лицата на кои им се изречени, практична имплементација на алтернативните мерки итн.
Во наредниот период (кон крајот на 2014 година) се очекува да започне реализација на ИПА Проектот 2010, во рамките на кој се опфатени активности за подготовка на Закон за пробација, подзаконска регулатива, како и други активности за воспоставување на пробациска служба во РМ.
Со донесувањето на Законот за пробација ќе се создаде основ за воспоставување на пробациска служба во Република Македонија како и услови за ефикасно извршување на алтернативни мерки на казнување. Истовремено, ќе се овозможи почитување на принципите за создавање на побезбедна заедница и зголемување на јавната безбедност што во крајна мерка ќе помогне во реинтергација и рехабилтација на сторителите на кривични дела и намалување на рецидивизмот.
Како подготвителна активност пред почетокот на ИПА 2010, изработена е посебна Стратегијата за развој на пробациската служба во Република Македонија (2013-2016). Со оваа Стратегија прецизно се дефинирани стратешките цели и активности за воспоставување на одржлива пробациска служба во државата и која ќе ги оствари целите на нејзиното воспоставување.
Кои се најзначајните активности кои предвидувате да се реализираат идниот период?
Биришкоска – Бошковски: Имајќи ги предвид резултатите од досегашната примена на постојната законска регулатива, како и од реализираните активности утврдени во рамките на Стратегијата за реформа на правосудниот систем на Република Македонија, Владата на Република Македонија ја донесе Рамката за натамошно спроведување на реформата на правосудството 2014-2017 година, во која се дадени приоритетите за идните реформи во правосудниот систем.
Натамошното јакнење на независноста и зголемувањето на ефикасноста на судскиот систем, беа и ќе продолжат да бидат клучни сегменти на кои се потпира реформата. Тргнувајќи од потребата за постоење на законски гаранции за фер судски постапки, како и цврста правна рамка и конзистентни институции за да се зајакне една доследна политика за заштита и одвраќање од корупција, натамошните подобрувања на судскиот систем се од најголемо значење.
Како клучни сегменти во областа на правосудството кои ќе бидат реализирани идниот период (а кои претставуваат follow up активности на досегашните реформи) и се: довршувањето и имплементацијата на процесот на електронска достава и тонско снимање во судовите, спроведувањето на почетната обука на кандидати за судии и јавни обвинители во рамките на Академијата за судии и јавни обвинители, имплементација на новиот Закон за кривичната постапка, поврзувањето на информатичките системи на јавното обвинителство и судовите и спроведувањето на Методологијата за судска статистика преку собирање, обработка и анализа на статистичките податоци за работа на судовите.
Наведените активности покрај оние дефинирани во Рамката (кои се пошироки) претставуваат врвен приоритет во рамките на реформите во правосудството, при што, посебен акцент, меѓу другите, ќе биде ставен на работата на извршителите и нотарите по преземањето од судовите на платните налози и старите извршни предмети. Во областите на вештачењето и процената, активностите ќе бидат насочени кон зголемување на квалитетот на извршените вештачења и процени што ќе се постигне со зголемување на стручноста и одговорноста на вештите лица и проценителите. За реализација на овие цели, ќе продолжат активностите за полагање на испитите за извршители, нотари, вештаци и проценители, издавање лиценци и востановување на потребните регистри.