Британија испорача помош на Газа од воздух

Велика Британија во понеделникот првпат испорачала храна во Појасот Газа, а Министерството за одбрана го повика Израел да дозволи повеќе помош да влезе во регионот разурнат од војната.

Кралските воздухопловни сили (RAF) во понеделникот исфрлиле повеќе од 10 тони хуманитарна помош, вклучувајќи вода, ориз, масло, брашно, лименки и храна за бебиња за цивилите во Појасот Газа.

Авион со ознакаа „RAF A400M“ полета од Аман за да испорача залихи долж северниот дел на Појасот Газа како дел од меѓународната хуманитарна мисија предводена од Јордан, соопшти британското Министерство за одбрана.

„Пеколот покренат од нападот на Хамас на 70ми октомври доведе до огромна загуба на невини животи. Целта на Обединетото Кралство е да ги искористи сите можни патишта за да испорача помош која спасува животи, без разлика дали по копнен, воздушен или по морски пат. Продолжуваме да го повикуваме Израел да обезбеди пристап до пристаништето и да отвори повеќе копнени премини за да ја зголеми испораката на помош во Газа“, соопшти Министерството за одбрана.

„Даунинг стрит“ (седиштето на британската влада) објави дека резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, прва која повикува на прекин на борбите, испрати јасна порака дека Хамас мора да ги ослободи преостанатите заложници и дека треба да се дозволи помошта да стигне до Газа.

Велика Британија испорача хуманитарна помош со падобрани првпат во понеделникот, но претходно ги поддржа таквите меѓународни напори и обезбеди околу 600 падобрани на барање на Јордан и Бахреин, додава Лондон.