Обединетото Кралство ќе распореди воен брод во водите близу Гвајана подоцна во декември, соопшти британското Министерство за одбрана во неделата, додека продолжува граничниот спор на јужноамериканската земја со соседна Венецуела околу регионот Есекибо богат со нафта.
Одлуката уследи по посетата на државниот секретар на британското Министерство за надворешни работи на Гвајана претходно овој месец за да понуди британска поддршка на својата поранешна колонија која сега ја смета за свој сојузник.
Гвајана и Венецуела се договорија претходно овој месец да избегнат каква и да е употреба на сила и да не ги ескалираат тензиите во долготрајниот спор.
Регионот Есекибо од 160.000 квадратни километри генерално се смета за дел од Гвајана, но во последниве години Венецуела ги оживеа своите претензии за територијата кои датираат уште од XIX век, по најавите за почетокот на експлоатацијата на големите тамошни наоѓалишта на нафта и природен гас за кои се знае со децении наназад.
Велика Британија ќе го распореди патролниот брод на Кралската морнарица „HMS Trent“, соопшти Министерството за одбрана, без да ја спомене Венецуела или граничниот спор.
„Бродот… ќе го посети регионалниот сојузник и партнер на Комонвелтот – Гвајана подоцна овој месец како дел од серијата ангажмани во регионот за време на неговото распоредување на задачата за патролирање во Атлантикот“, рече портпаролот.