Велика Британија предлага воспоставување царински терминали од двете страни на ирската граница по нејзиното напуштање на Европската унија, за да се избегне потребата од воведување царински контроли на самата граница, пренесе во понеделникот вечерта ирската јавна телевизија RTE
„Велика Британија предложи воспоставување низа ‘центри за царинење’ од двете страни на ирската граница, како клучен дел од својот план за замена на бекстопот. Тие центри, всушност царински терминали, би биле сместени меѓу 8 и 16 километри од границата“, напиша на Twitter уредникот на RTE за Европа, Тони Конели.
„Бекстопот“ е заштитен механизам кој предвидува во случај да не биде договорено поповолно решение по транзицискиот период од две години, за да се избегне тврдата граница меѓу Република Ирска како членка на ЕУ и британската покраина Северна Ирска, Обединетото Кралство да остане во царинската унија. Предвиден е со договорот за раздружувањето кој го договори поранешната премиерка Тереза Меј.
Токму овој заштитен механизам е неприфатлив за поборниците на брегзитот, бидејќи со него не се добиваат одврзани раце за склучување договори за слободна трговија со трети земји.
Британскиот премиер Борис Џонсон вети дека ќе ја изнесе земјата од ЕУ на 31-ви откомври, со или без договор. Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, претходно месецов изјави дека постоењето на „бекстопот“ не е неопходно за постигнување договор со Лондон.
„Кога станува збор за ткн алтернативни аранжман, кои нам и на Британија би ни овозможиле да ги постигнеме главните цели на ‘бекстопот’… доколку има резултати, не ми е грижа за инструментот“, рече Јункер.