На британската листа на санкции сега се додадени имињата на Катерина Владимировна Тихонова и Марија Владимировна Воронцова. Според Би-Би-Си, ова е дел од „координираните“ акции со САД, кои веќе воведоа санкции за ќерките на Путин, како и за сопругата и ќерката на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Британската влада соопшти дека сè уште е фокусирана на санкционирање на „раскошниот начин на живот на внатрешниот круг на Кремљ“ со забрана за патување и замрзнување на имотот на жените“.
Според британската влада, повеќе од 275 милијарди фунти од „воениот фонд“ на Путин сега се замрзнати во координирана акција на меѓународната заедница во последните недели.
Двете ќерки се од бракот на Путин со Људмила Путин, поранешна стјуардеса на рускиот Аерофлот, со која се ожени во 1983 година и од која се разведе три децении подоцна, јавува Американското национално јавно радио (НПР) од Вашингтон.
Постарата ќерка Марија Владимировна Воронцова е позната по неколку имиња, се презива Фасен, по нејзиниот сопруг Јорит Јост Фасен, холандски бизнисмен кој, според Би-Би-Си, своевремено работел за руски Газпром. Се верува дека двајцата се развеле. Често ја нарекуваат Марија Путин.
Марија Воронцова, родена 1985 година, е педијатриски ендокринолог и генетичар, наводно работи во Центарот за ендокринолошки истражувања во Москва, иако, според Би-Би-Си, таа е единствената докторка во тој центар чија слика ја нема на веб-страницата на институцијата. Таа беше и претседател на Руското здружение на млади ендокринолози. Зборува англиски, германски, француски и холандски јазик.
„Воронцова води програми финансирани од државата кои добија милијарди долари од Кремљ за генетско истражување, а кои лично ги надгледува Путин“, соопшти американското Министерство за финансии.
Воронцова се занимава и со бизнис, таа е косопственик на компанија која „учествува во реализацијата на најголемата приватна инвестиција во руското здравство“.
Помладата ќерка Катерина Владимировна Тихонова е родена во 1986 година во Германија, додека Путин бил таму како офицер на поранешната советска тајна служба КГБ. Американското Министерство за финансии тврди дека таа сега е менаџер во областа на технологијата и дека работи за владата и одбранбената индустрија.