Британската влада ќе преиспита дали е потребнa реформа на јавниот сервис „Би-Би-Си“ пo случајот со интервјуто на принцезата Дајана

Британската влада денеска соопшти дека ќе преиспита дали е потребно да се изврши реформа на управата на јавниот сервис „Би-Би-Си“ после објавите за извештајот околу методот кој го употребил еден новинар за да добие интервју со принцезата Дајана во 1995 година.

Во извештајот кој беше објавен вчера, бившиот судија на Врховниот суд, Џон Џајсон го повика новинарот Мартин Башир за употреба на лажни документи за да го добие тоа интервју од принцезата Дајана, но и управата на јавниот сервис „Би-Би-Си“ за тоа како го водела тој случај.

Интервјуто кое во 1995 година го гледале 23 милиони гледачи содржело детали од животот на принцезата кога таа меѓу останатото рекла дека имало „тројца луѓе“ во нејзиниот брак, однесувајќи се на врската која нејзиниот сопруг принцот Чарлс ја имал со Камила Паркер Боулс и признала дека и таа имала врска.

„Тој извештај е очигледно поразителен“, рече денеска министерот за правда Роберт Балкланд за телевизијата Скај Њуз и нагласи дека документот укажува не само на новинарите туку и на управата на „Би-Би-Си“ и „на одлуките донесени во тоа време“.

„Тоа бара внимателно испитување и тоа владата ќе го направи сериозно и смирено за да се види што треба да се направи за поправање на управата на „Би-Би-Си“, додал британскиот министер.

Објавата на извештајот го поттикна најстариот син на принцезата Дајана, принцот Вилијам остро да ги осуди „Би-Би-Си“, при што рекол дека тоа ја поттикнало нејзината параноја и го влошил односот меѓу неговите родители. Принцезата Дајана загина во автомобилска несреќа во Париз во 1997 година, кога нејзината кола ја бркаа папараците.

После истрагата која утврди дека „Би-Би-Си“ паднал под своите стандарди, принцот Вилијам рекол дека е многу тажен што Дајана никогаш не дознала дека била измамена.

„Неа не ја изневери само еден новинар, туку и шефовите на „Би-Би-Си“, рекол Вилијам.

Неговиот помлад брат Хери ја поврза смртта на својата мајка со ефектот на „културна експлоатација и пракса која е спротивна на секоја етика“.

Извор: Бета.рс