Британскиот вицепремиер поднесе оставка поради порнографскиот скандал

Шефот на кабинетот на британската влада или прв државен секретар, кој е фактички заменик премиер, Демиен Грин поднесе оставка откако внатрешната истрага утврдила дека тој ја довел во заблуда во однос на порнографскиот материјал во компјутерот во неговата канцеларија.

Истрагата, којашто беше водена седум седмици, утврдила дека Грин и неговиот адвокат го криеле фактот дека знаеле за материјалите пронајдени во 2008 година во компјутерот во неговиот кабинет. Последните месеци, кога се разгоре скандалот, Грин повеќепати изјави дека полицијата не му соопштила ништо за наодот. Исто така, ги негираше наводите дека упатувал непристојни предлози до новинарката Кејт Малтби во 2015 година.

„Жалам, што од мене беше барано да поднесам остава поради кршење на кодексот за однесувањето на министрите, за што се извинувам. Ми претставуваше чест да работам во владата како министер за труд и пензиски систем и шеф на владината администрација“, се наведува во писмото на Грин до премиерката Тереза Меј, што го објави кабинетот на британската премиерка.

„Јасно ставив до знаење дека не сум преземал или не сум гледал порнографија на парламентарниот компјутер. Меѓутоа, признавам дека беше неопходно појасно да се изразам во своите изјави за медиумите, дека застапниците на полицијата зборувале со моите адвокати за пронајдената во 2008 година порнографија во компјутерот, и за тоа дека полицијата повторно го покренала тоа прашање во 2013 година“, се истакнува во писмото.

Оставката на Грин ќе претставува уште еден сериозен удар за премиерката Меј, од една страна затоа што тој беше еден од најблиските нејзини сојузници, и од друга страна затоа што министерски кабинет постојано се наоѓа во центарот на разни скандали.

Јавниот британски сервис BBC пренесува дека премиерката „немала друг избор освен да побара (од Грин) да си замине“. Во нејзиниот писмен одговор Меј изразува „длабоко жалење“ поради заминувањето на Грин.