Британскиот Врховен суд ѝ го ускрати на Шкотска правото на нов референдум за независност

Највисокиот суд во Обединетото Кралство пресуди во средата дека парламентот на Шкотска не може да одобри втор референдум за независност без согласност на Вестминстер, соопшти претседателот на судот лорд Роберт Рид.

Случајот му е предаден на Врховниот суд откако шкотската премиерка Никола Старџент навести втор референдум за независност кој би се одржал на 19-ти октомври 2023 година.

Но според претседателот на Врховниот суд, лордот Роберт Џон Ридј, судиите донеле едногласна одлука за поднесеното прашање дали шкотскиот парламент може да донесе закон со кој ќе го овозможи плебисцитот без согласност на Лондон.

„Судот донесе едногласна одлука дека предложениот нацрт-закон не спаѓа во доменот на резервираните прашања (во надлежност на регионалниот шкотски парламент а не на Лондон). Според тоа, и во отсуство на каква и да е промена во дефиницијата за резервирано прашање, што би можело да биде внесено со декрет на Тајниот совет (при британскиот монарх) во согласност со членот 30 од Актот за Шкотска (од 1998 година), на кој и да е начин шкотскиот парламент нема овластување да носи закон за спроведување референдум за независност на Шкотска“.

Откако процесот го иницираше премиерката Старцен, која е и челник на владејачката Шкотска национална партија (SNP), во Единбург се надеваат дека ќе добијат позитивен одговор за можност за самостојно распишување консултативен референдум. Откако владата во Лондон го одби тоа, прашањето дојде пред Врховниот суд по иницијативата на SNP.

Во својата пресуда, судот ги отфрла референците на шкотските националисти на меѓународното право и на правото на народите за самоопределување, во заднината на одлуката на Врховниот суд на Канада во врска со франкофоната покраина Квебек.

Британскиот суд истакнува дека во споменатата канадска пресуда било наведено дека правото на самоопределување во рамките на меѓународното право е можно во ситуација со поранешни колонии или во случаи со угнетување на населението или геноцид, особено со забраните на пристап на населението до остварување на нивните политички, економски, културни и социјални права. Како што истакна судијата лордот Рид, Врховниот суд на Канада тогаш одлучил дека ситуацијата во Квебек не соодветствува на тие дефиниции, додавајќи дека истото важи и за Шкотска.

 

Реакцијата на Единбург и опозицијата

Шкотската премиерка Старџен го изрази своето разочарување од пресудата на британскиот Врховен суд, најавувајќи дека подоцна во среда ќе го изнесе својот коментар и ќе зборува за следните чекори.

„Ја почитувам одлуката на Врховниот суд на Обединетото Кралство, иако сум разочарана од неа. Тој не носи закони, само ги толкува. Законот, кон не ни дозволува да ја одредуваме сопствената иднина без дозвола на Вестминстер, покажува дека сите тврдења дека Обединетото Кралство – ова доброволно партнерство (на неговите административно-политички делови) се само мит и ова повторно ја истакнува потребата од одржување референдум“, објави Старџен на Twitter.

Притоа премиерката порача дека „гласот на Шкотска нема и не може да биде замолчен“.

Опозициската Лабуристичка партија порача дека мора да се почитува одлуката на Врховниот суд, истакнувајќи дека кога партијата ќе дојде на власт, решавањето на проблемот на Шкотска ќе стане една од главните политики на лабуристите.

Подготвувајќи се за парламентарните избори кон крајот на 2024 година, на коишто според сегашните прогнози има реални шанси да победи, Лабуристичката партија не сака да предизвика обвинувања од британската јавност дека ќе ѝ овозможи на Шкотска да го одржи вториот референдум за независност, во замена за правење парламентарна коалиција.

 

Динамиката на шкотскиот сепаратизам

Претходно државниот обвинител за Шкотска, кралскиот адвокат Кит Стјуарт, чиишто должности вклучуваат советување на монархот и на владата во врска со шкотските закони, оцени дека е грешка таквиот референдум да биде наречен само консултативен. Посочи дека дури и доколку не е правно обврзувачки, може да биде искористен од SNP за да „создаде моментум“ за процесот на завршување на постоењето на Обединетото Кралство какво што е денес со отцепувањето на Шкотска.

Контроверзниот референдум за независност на Шкотска беше одржан во 2014 година. Околу 55 отсто од гласачите се изјаснија за зачувување на унијата меѓу Единбург и Лондон. Сепак, последните години SNP инсистира на потребата од втор плебисцит поради тоа што Велика Британија истапи од Европската унија. Имено, на референдумот за Брегзитот во јуни 2016 година, гласачите во Шкотска како и во Ирска, со големо мнозинство се изјаснија против напуштањето на ЕУ.

Референдумот во 2014 година беше овозможен откако британскиот Парламент изгласа соодветен указ во согласност со Актот за Шкотска од 1998 година. Шкотските сепаратисти и во 2017 година повторно ја бараа истата постапка, но тогаш беа одбиени.

Испитувањето на јавното мнение спроведено кон средината на летото од страна на институтот Savanta ComRes, покажа дека повеќе од половината Шкоти, или 53 отсто, се против плановите на Старџен да организира референдум. Таквото изјаснување го поддржале 40 отсто од испитаниците, а сите други тогаш биле неопределени.