Британските амбасади ги отфрлија објавите на руски профили на социјални мрежи дека умрел кралот Чарлс

Британските амбасади во Москва и во Киев ги отфрлија во понеделникот објавите на социјалните мрежи преземени од некои руски таблоиди во кои беше наведено дека наводно починал британскиот крал Чарлс Трети.

„Извештајот за смртта на кралот Чарлс се ЛАЖНИ!“, одбележано со црвено стои на мрежата Х на британската амбасада во Москва, на англиски и на руски јазик.

На веб-страницата на британската амбасада во Киев беше објавено на англиски и украински „Сакаме да ве информираме дека веста за смртта на кралот Чарлс III е лажна“.

 

Лажните извештаи почнаа да се шират во понеделникот попладнето, на каналите на Telegram кои се специјализирани за сензационални извештаи. Како наводен доказ беше презентиран факсимил од наводната комуникација од Бакингемскиот дворец.

Интернет-изданија на некои руски таблоиди ја презедоа приказната пред да биде откриена како лажна.

„Сега се знае дека скриншотот  е лажен и дека кралот е жив“, напиша каналот „Маш“.

Британското кралско семејство моментално се соочува со плејада гласини и теории на заговор. Чарлс Трети се лекува од рак, но продолжува да врши државни работи, според тврдењата на Бакингем.

Неговата снаа, принцезата Кејт закрепнува од мистериозната операција на абдоменот на почетокот од годината. Првично беше објавено дека не се очекува да се појави во јавноста пред католички Велигден, што предизвика огромни шпекулации за нејзиното здравје, особено откако светските агенции пред десетина дена ја повлекоа нејзината фотографија со трите деца како „дотерувана“, што подоцна го призна и кралското семејство.