Владејачката Конзервативна партија на британскиот премиер Риши Сунак загуби во петокот две стратешки важни изборни единици, но неочекувано ја задржаа старата изборна единица на поранашниот премиер Борис Џонсон, што се толкува како неуспех за главната опозициска Лабуристичка партија.
Дополнителните избори беа еден од последните изборни тестови пред парламентарните избори следната година и се сметаат за показател за шансите на двете традиционални главни партии во Обединетото Кралство.
Конзервативците ја задржаа поранешната изборна единица на Џонсон со нешто помалку од 500 гласови предност, што претставува големо олеснување за премиерот Сунак кој за влакно избегна да стане првиот британски челник кој загубил на три дополнителни избори во еден ден по повеќе од половина век.
Изненадувачки е што Конзерватината партија го задржи водството во изборната единици Аксбриџ и Саут Рајслип по ненадејната одлука на Џонсон во јуни да истапи од парлаементот откако беше откриено дека лажел во врска со забавите одржувани во владиното седиште во Даунинг стрит во текот на најстрогите „затворања“ во врска со пандемијата на коронавирусот.
Некои резултати ја разоткрија ранливоста на конзервативците на два фронта: губењето на руралното седиште во северна Англија каде некогаш беа доста силни, како и на југозападот, нивното традиционално упориште.
Лабуристите ја освоија изборната единица Селби и Ејнсти од конзервативците за 4.000 гласови, откако сојузник на Џонсон поднесе оставка во знак на солидарност со него. Партијата соопшти дека соборувањето на мнозинството од 20.137 од минатите парламентарни избори го означува најголемото мнозинство кое партијата го соборила на дополнителните избори по Втората светска војна.
Во Самертон и Фром во југозападна Англија, центристичките либерални-демократи успеаја да го соборат кознервативното мнозинство од 19.213 гласа, откако третиот кознервативец ја поднесе оставката поради обвинувањата за сексуално вознемирување и консумирање кокаин.
Лабуристите, инаку, според сите досегашни истражувања на јавното мнение, се изразен фаворит на парламентарните избори следната година.