![Kir Starmet laburiti](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/05/Globe-Kir-Starmer.webp?resize=696%2C464&ssl=1)
Британската опозициска Лабуристичка партија во петокот освои пратенички мандат во Блекпул, како и власт во неколку локални совети, нанесувајќи им големи загуби на владејачките конзервативци, зголемувајќи го притисокот врз премиерот Риши Сунак.
Британските гласачи во четвртокот избираа повеќе од 2.000 советници во локалните власти ширум Англија, како и неколку градоначалници, вклучително и градоначалникот на Лондон.
Според досега објавените резултати од локалните избори, лабуристите постигнаа големи придобивки пред општите избори, исто така оваа година, што според анкетите може да го донесе лидерот на лабуристите Кир Стармер на власт по 14 години конзервативна влада.
Во четвртокот се гласаше и за место во британскиот парламент во изборната единица Блекпул Саут, која беше испразнета откако конзервативен пратеник поднесе оставка по корупциски скандал. Лабуристичкиот кандидат Крис Веб победи во Блекпул со 10.825 гласови, пред кандидатот на конзервативците со 3.218.
Пресвртот од 26 отсто за лабуристите од резултатот од 2019 година беше трет најголем во повоената историја на дополнителните избори, вели стручњакот за испитување на јавното мнение Џон Куртис.
Поразот во Блекпул и раните знаци за големи загуби на локалните избори ќе ги поттикнат надежите на лабуристите за убедлива победа над конзервативците на Сунак на општите избори.
„Оваа сеизмичка победа на Блекпул Саут е најважниот резултат денеска. На овие избори гласачите имаа можност да испратат директна порака до конзервативците на Риши Сунак и таа порака е огромна желба за промени“, изјави лабуристичкиот лидер Стармер.
Претседателот на Конзервативната партија Ричард Холден рече дека тоа било „тешка ноќ“. „Очигледно не се одлични резултати“, изјави Холден за Тајмс радио.
Конзервативците на Сунак заостануваат околу 20 процентни поени зад Лабуристите во повеќето анкети за парламентарните избори, кои Сунак изјави дека има намера да ги распише во втората половина на годината.