Британските лабуристи остварија „сеизмичка“ победа на шкотските избори

Британската опозициска Лабуристичка партија оствари победа поголема од очекуваната на изборите за испразнето пратеничко место во Шкотска во петокот, зголемувајќи ги очекувањата дека може да победи и на парламентарните избори во Велика Британија најавени за следната година.

Лабуристите водат пред Конзервативната партија на премиерот Риши Сунак во националните истражувања на јавното мнение, но веројатно ќе мора да вратат голем дел од мандатите кои ги загубја во Шкотска во полза на Шкотската национална партија (SNP) во текот на минатата деценија, доколку сакаат да се вратат во Вестминистер по 13 години во опозиција.

„Ова е сеизмички резултат. Луѓето во Ратерглен и Хамилтон Вест испратија јасна порака – време е за промени. И јасно е дека веруваат оти оваа променета Лабуристичка партија може да ги спроведе“, изјави челникот на лабуристите Кеир Стармер во писмена изјава за јавноста.

Дополнителните избори за областа во предградие на шкотски Глазгов беа распишани откако на пратеничката Маргарет Фериер ѝ беше одземен мандатот во британскиот парламент во Лондон поради кршење на пандемиските прописи.

Лабуристичкиот кандидат Мајкл Шенкс добил 17.845 глсови, победувајќи ја второпласираната кандидатка на SNP, Кејти Лоудин, која освоила 8.399 гласови, означувајќи свртување на гласачкото тело кон лабуристите.

Џон Куртис, еден од најистакнатите британски политички аналитичари, изјави дека станува збор за „извонреден резултат“ за Лабуристичката партија, кој доаѓа во пресрет на нејзината годишна конвенција следната седмица.

„Доколку Кеир Стармер може да почне да освојува пратенички места во Шкотска, неговите шанси да добие вкупно мнозинство значително се зголемуваат“, изјави Куртис за BBC Radio.

Лабуристите се надеваат дека овој резултат го означува почетокот на нивното политичко враќање во Шкотска.