Брнабиќ до Хоти: Се согласуваме дека нема промена на границите – Косово е Србија

Се согласуваме целосно за тоа дека нема да има разговори за размена на територии и промена на границите – Косово е Србија, оцени денес српската премиерка Ана Брнабиќ.

Изјавата на српската премиерка е одговор на платформата за дјалогот на Белград и Приштина која ја претстави новиот косовски премиер Авдулах Хоти.

„Сакам да му се заблагодарам на господинот Хоти за тоа што појасни уште еднаш дека нема потреба да се разговата за териториите. Мислам дека се согласуваме со тоа ние и околу 70 отсто од светската популација, а и повеќето земји членки на ОН“, кажа Брнабиќ за Танјуг, додавајќи дека за тоа зборува и Резолуцијата 1244 на Обединетите нации.

Изрази благодарност за тоа што со тоа признал и прифатил дека разговори за териториите нема, дека таканаречената Република Косово е непостоечка и дека територијата на Република Србија е иста каква што била.

„Мислам дека за целиот регион, ни и светот би значело дестабилизација доколку би се разговарало за промена на границите“, истакна Брнабиќ.

Таа потсети дека 70 отсто од светското население, односно 96 членки на ОН, како и Резолуцијата 1244, не ја признаваат „таканаречената Република Косово“.

„Гледам дека тоа го прифаќа и господинот Хоти. Нема разговори за територии и граници. Му благодарам на тоа“, подвлече Брнабиќ.

Хоти вчера ја претстави платформата за дијалогот со Белград, истакнувајќи дека дијалог ќе се води и дека во него „територијалниот интегритет“ нема да биде тема.