Брнабиќ: Ќе ми биде исклучително тешко да соработувам со земјите коспонзори на резолуцијата за Сребреница

Ќе ми биде исклучително тешко да соработувам со земјите спонзори и коспонзори на резолуцијата за Сребреница, изјави претседателката на парламентот на Србија, Ана Брнабиќ, изјави за Радио и телевизија на Србија (РТС).

„Ќе се чувствувам многу поблиска со земјите кои гласаа против или воздржано или ја напуштија просторијата. Ќе продолжиме да работиме со нашите партнери, Европската унија е во наш интерес, но јас секогаш ќе бидам со земјите кои беа со нас“, рече Брнабиќ.

На седницата на 23 мај, Генералното собрание на Обединетите нации(ОН) усвои резолуција со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и го осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници.

Претставниците на 84 земји гласаа за усвојување на Резолуцијата за Меѓународниот ден на комеморација и сеќавање на геноцидот во Сребреница на пленарниот состанок на Генералното собрание на ОН, вклучително и сите земји од земјите од „квинтата“ (Франција, Германија, Италија, Велика Британија и Соединетите Американски Држави), голем број земји-членки на Европската унија и сите поранешни југословенски републики(вклучително и Северна Македонија), освен Србија.

Против резолуцијата гласаа 19 земји, а воздржани беа 68 земји.

Ана Брнабиќ оцени дека оние земји што се воздржале претставувале „јасен глас дека не се за резолуцијата“.

Таа додаде дека „во секое време“ ќе биде со земјите што беа со Србија во ОН и им се заблагодари на сите што ги поддржаа позициите на Белград.

Повеќе од 50 луѓе беа осудени на околу 700 години затвор за геноцидот во Сребреница, кој го изврши Армијата на РС и во кој беа убиени најмалку 8.372 Бошњаци.

Според податоците од Меморијалниот центар Поточари од јули 2023 година, пронајдени и закопани се посмртните останки на 6751 жртва на геноцидот во Сребреница, додека по околу илјада жртви сè уште се трага.

Во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг го окарактеризира злосторството во Сребреница како геноцид, во кое во јули 1995 година беа убиени повеќе од 8.000 мажи и момчиња од тогашната енклава под заштита на Обединетите Нации.

Пресудите на Хаг и домашните судови за виновни за геноцид прогласија поединци, а не колективи, држави или ентитети. Хашкиот суд утврди дека Србија и Црна Гора не се одговорни за геноцидот во Босна и Херцеговина, ниту се соучесници, иако поранешна Југославија не направила ништо за да го спречи тоа.

Радован Караџиќ, првиот претседател на Република Српска, беше осуден во Хаг на доживотна казна затвор за геноцидот во Сребреница, како и за злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војната во другите делови на Босна и Херцеговина.

Во истиот суд на доживотен затвор поради геноцид е осуден и главниот командант на ВРС, Ратко Младиќ.