Брнабиќ: Односите меѓу Србија и Хрватска се тешки, но постигнат е напредок

Односите меѓу Србија и Хрватска се оптоварени со бројни прашања, рани и недоверба, но се чини дека двете земји успеаја да направат добар исчекор нанапред оваа година, изјави во неделата српската премиерка Ана Брнабиќ на Големото собрание на Српскиот национален совет во Концертната сала во Загреб.

Брнабиќ е дел од високата делегација на Србија, во која е и министерот за човекови и малцински права и социјален дијалог Томислав Жигманов, првиот претставник на хрватското национално малцинство во српската влада. Претходно во неделата, Брнабиќ се сретна со премиерот Андреј Пленковиќ во резиденцијата Бански двори.

„Односите меѓу Србија и Хрватска се оптоварени со многу прашања, недоразбирања, несогласувања, длабоки рани и голема недоверба, толку многу што ниту една наша посета на Загреб или која било посета на хрватските претставници на Србија не беше обична посета, туку е секогаш нешто повеќе од тоа, па така и оваа мојата денеска“, рече Брнабиќ.

 

Квалитетен исчекор во 2023-та

Српската премиерка истакна дека посакува поредовна, вообичаена размена на посетите.

„Сакаме тие да бидат обични посети, да бидат почести и поредовни и секоја од нив да не биде негативен или непријателски симбол, туку нормален работен ден што ќе го искористиме за да разговараме за сите отворени прашања и теми кои се важни за иднина, за сите наши граѓани и за целата наша економија“, рече Брнабиќ.

Им се заблагодари на двајцата претставници на малцинствата во Хрватска и Србија за нивниот придонес.

„Затоа ми е мило, ми се чини, што успеавме да направиме добар и квалитетен исчекор во 2023 година, барем засега, бидејќи тоа кај нас никогаш не се знае, пред се благодарение на Милорад Пуповац и Томислав Жигманов“, изјави Брнабиќ.

Србите во Хрватска и припадниците на хрватската заедница во Србија се оние кои играат огромна улога во воспоставувањето подобри односи и доверба, рече.

Брнабиќ особено ја поздрави Декларацијата за соработка меѓу Србите од Хрватска и Хрватите од Србија, која на 5-ти јануари во Загреб ја потпишаа Жигманов и Пуповац.

„Искрено се надевам дека на овој начин се отвори нова димензија на соработка која многу брзо ќе даде конкретни резултати, а можеби и мојата посета на Загреб е конкретен резултат на тоа“, изјави шефицата на српската влада.

Во својот говор на собранието на СНС во салата „Ватрослав Лисински“ потсети дека на 6-ти јануари министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ и министерот за малцинства и човекови права Томислав Жигманов со министерката за евроинтеграции Тања Мишчевиќ учествуваа на божикниот прием на СНВ во Загреб. Малку подоцна, хрватскиот премиер Пленковиќ и српскиот претседател Александар Вучиќ се сретнаа на маргините на Светскиот економски форум во Давос, додаде Брнабиќ.

По ова, продолжи Брнабиќ, следеше посетата на шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман на Суботица и нова средба со неговиот колега Дачиќ, како и билатерална средба на надлежните органи за прашањето на исчезнатите лица во војните во 1990-те.

 

Хрватите и Србите се упатени едни на други

„Очекуваме и ќе работиме да обезбедиме политички консултации меѓу министерствата за надворешни работи на нашите две земји да се одржат оваа година“, рече Брнабиќ.

За средбата со Пленковиќ рече дека тој бил конкретен и конструктивен и дека се надева дека е првата во низата кои ќе следат.

„Разговаравме за проекти како што е обновувањето на железничкиот сообраќај меѓу Белград, Загреб и Љубљана, но ги допревме сите отворени прашања, колку и да се тешки и емотивни, и како да почнеме да ги решаваме“, рече српската премиерка/

На присутните им порача дека владата на Србија е посветена и многу се грижи за Србите во Хрватска. Истовремено, таа изјави дека од 2016 година за проектите на српската заедница се издвоени шест милиони евра.

„Испративме и помош од 2,5 милиони евра за Хрватска по земјотресот во 2020 година, како и помош и поддршка за СПЦ во Хрватска“, истакна Брнабиќ.

На крајот од говорот таа рече дека Хрватите и Србите се упатени едните на другите во нивното „повеќевековно траење“.

„Нашите народи се и мора да бидат гарант за мирот, стабилноста и просперитетот на овој дел од Европа“, рече Брнабиќ и и честиташе на Хрватска за достигнувањата во 2023 година, за влезот во еврозоната, Шенген и други успеси како што е Договорот за избегнување на Двојно оданочување со САД.

„Во регион како нашиот, кој е релативно мал, се потпираме еден на друг, секој успех значи поголема стабилност и подобар потенцијал за сите нас“, рече Брнабиќ честитајќи му на Пленковиќ за успесите на Хрватска.

Својот говор го заврши со реченицата: „Конечно, со љубов кон Србија и почит кон Хрватска, вие сте залогот на нашата заедничка иднина. Нашата визија за таа иднина, која ја градиме посветена на европските идеали, е надежта дека ќе создадете општества во кои навистина ќе се негуваат разликите и општества кои ќе ги задржат овие разлики како свое богатство“.

Брнабиќ шест години е премиерка на Србија и ова е трета влада што ја предводи, а оваа седмица одбележа шест месеци од мандатот на нејзината третат влада. На Големото собрание на СНВ заедно со премиерот Пленковиќ присуствуваа и министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ и министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман.