Бројот на несреќните Американци рекордно висок

Америка по карантинот и остриот раст на невработеноста поради кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, како и масовните протести против расизмот и полициската бруталност, ја зафатило мрачно расположение, покажало новото истражување според коешто процентот на несреќни луѓе во САД е најголем последните 48 години, откако се вршат истражувањата за среќата на граѓаните.

САД почнуваат да изгледаат како НАД (Несреќни Американски Држави), пишува германската новинска агенција DPA.

Околу 23 отсто од Американците анкетирани кон крајот на мај изјавиле дека не се чувствуваат среќни, што е досега најголем пораст на овој показател кој последните две децени цврсто се движење меѓу 10 и 14 отсто, според агенцијата NORC, којашто ја спровела анкетата за Универзитот Чикаго.

Уделот на оние коишто за себе рекле дека се многу среќни е 14 отсто, најмалку од 1972 година, откако се врши ова истражување.

„Тоа е многу неверојатно“, рекол за весникот The Daly News, Том Смит, кој го водел истражувањето. Додал дека се чини оти осаменоста го поттикнува чувството на потиштеност.

Во последните две години, според ова истражување, процентот луѓе кои велат дека понекогаш или често им недостасувало друштво скокнал од 27 на 45 отсто. И бројката на луѓе кои велат дека се чувствуваат изолирани се удвоила.

Меѓутоа, уделот на Американците кои рекле дека се чувствуваат доста среќно благо се зголемил на 62 отсто, што укажува на фактот дека и во тешките времиња повеќето остануваат умерено задоволни.

Смит, исто така, рекол дека е утврден значаен пораст на консумирањето алкохол, што сугерира на тоа дека некои несреќни и осамени граѓани се свртеле кон овој порок.

Истражувањето се заснова на одговорите на 2.279 возрасни лица, добиени преку телефон или интернет, од сите 50 американски сојузни држави во периодот од 21-ви до 29-ти мај. Станува збор за прв круг од испитувањето на јавното мнение во студија која продолжува.