На предлог на Комисијата за заразни болести, Владата од 23 февруари донесе одлука за да се зголеми бројот на патници во автобусите на ЈСП од 50 на 75%, а ваквата одлука продолжува да важи и сега во време кога бројките на новозаразени се превисоки и секој трет тестиран е позитивен.
Ваквото неодговорно однесување на Комисијата за заразни болести може скапо да ги чини граѓаните кои мораат да се возат во преполните автобуси во кои не се почитува никаква мерка.
Истиот овој проблем беше актуелен и во претходниот бран на заболени, но и тогаш надлежните не беа расположени за изнаоѓање решение. И покрај реакциите, и на експертите и на граѓаните, ЈСП сообраќаше по саботен возен ред под образложение дека е намален бројот на патници, но вистинската причина за ова беше да се намалат трошоците на ЈСП на сметка на здравјето на граѓаните, а ова на некој начин тогаш го потврди и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
-Фрекфенцијата на сообраќај не е на тоа ниво за да се вратиме на стариот возен ред, а мораме да ги правиме заштедите во транспортниот систем, имајќи во предвид дека добар дел од трошоците паѓаат на буџетот на Град Скопје. Таму каде што приметуваме дека на дневна основа, на определени места има гужви во шпицот, тие линии се појачуваат, меѓутоа кога ќе ги видите автобусите, ќе видите дека тие се де факто полупразни, изјави во една прилика Шилегов.
Сега ситуацијата е дури полоша од тогаш што се однесува на инфекциите имајќи во предвид дека британскиот сој на КОВИД-19 кој доминира во Македонија се шири за 70% побрзо од класичниот,а тоа треба да биде плус причина за воспоставување ред во автобусите, но наместо тоа, судејќи сопред сликите кои во континуитет се објавуваат на социјалните мрежи од страна на граѓани кои реагираат за ваквата состојба, може да се види дека автобусите возат како во нормални услови без да се почитуваат мерките, а патниците си дишат во лице едни на други.
Ова е уште еден доказ дека Владата никако да извлече поука од грешките. После една година откако е присутен вирусот и веќе се знае за тоа како се однесува , Владата продолжува со задоцнети мерки и не знае како системски да го превенира ширењето на заразата, а и покрај повеќето најави сѐ уште не се обезбедени и вакцини кои се од суштинско значење како за здравствената така и за економската состојба во која се наоѓа државата.