Бројот на жртвите од пожарот во Јоханесбуг надмина 70

Повеќе од 70 луѓе загинаа ноќта кон четвртокот во пожар на петкатница во сиромашна населба Јоханесбург, според новите бројки коишто ги објавија властите, додавајќи дека некои од жртвите најверојатно изнајмувале соби од криминални банди.

Напладне пожарот сè уште тлеел во зградата додека итните служби ги превезувале телата на жртвите, јавува дописникот на Reuters.

„Најмалку едно лице скокна од зградата во смрт, од четврти кат“, рекол за агенцијата Тандо ле Нкоси Манзини, студент кој го гледал пожарот од улицата.

Во пожарот, кој започнал околу 1,30 часот, загинаа 73 лица а 43 се повредени, соопштија градските власти во една од најлошите трагедии од тој вид во поновата историја.

Властите во Јоханесбург првично тврдеа дека зградата била заземена од сквотери. Но градоначалникот Кабело Гваманда рече дека е во сопственост на градот, кој ја дал на хуманитарна организација за бездомни жени, но се чини дека „завршила за други цели“.

Лебоганг Исак Меиле, претставник на организацијата Humane Housing од провинцијата Гаутенг во која се наоѓа Јоханесбург, рече дека некои од жртвите најверојатно изнајмувале соби од криминални банди кои незаконски собирале кирии.

„Постојат картели кои ги ловат ранливите групи. Некои од овие згради, ако не и повеќето од нив, се во рацете на овие картели кои собираат кирија од овие луѓе“, им рече тој на новинарите.

 

Зграда која потсетува на апартхејдот

Плочата на влезот во блокот покажува дека станува збор за зграда која го чува споменот на јужноафриканскиот апартхејд, бидејќи црните жители доаѓале таму за да земат „домпас“ – документ пропусница што им дозволувал да влезат во белите квартови на градот каде што работеле.

Јоханесбург е еден од градовите во светот со најголема нееднаквост, со огромна сиромаштија, невработеност и станбена криза. Според владата на провинцијата Гаутенг, во градот има околу 15.000 бездомници.

Пожарите се вообичаени во Јоханесбург, особено во сиромашните области. Еден од најсиромашните сателитски градови е Александра, каде пожарите уништија стотици домови во изминатите неколку години.

Маиле рече дека пожарот „алармира за хроничниот проблем со недостиг на станови во покраината, каде што најмалку 1,2 милиони луѓе имаат потреба од домување“.