Бројот на жртвите во масовното пукање во Тексас се зголеми на седум

Бројот на жртвите во масовното пукање во западниот дел од американската сојузна држава Тексас се зголеми на седум, пренесува во неделата телевизиската мрежа Fox News, а полицијата објави дека подоцна во текот на денот ќе одржи прес-конференција.

Полицијата претходно извести дека пет луѓе, вклучително и напаѓачот, се убиени во масовното пукање коешто започнало по запирање на напаѓачот во сообраќајот, и завршило кога полицајците го опколиле на паркингот пред кино во тексашкиот град Одеса.

Полицијата првично сметала дека се работи за двајца напаѓачи, но началникот на полицијата во Одеса, Мајкл Герке, на прес-конференција во саботата ноќта рече дека подоцна се покажало дека бил сам. Додаде и дека напаѓачот, белец на возраст меѓу 30 и 35 години, од претходно ѝ бил познат на полицијата, но не сакал да шпекулира за можните мотиви за нападот во кој се ранети уште 21 лице.

Инцидентот започнал кога сообраќаен полицаец ги запрел осомничениот, но овој го убил и потоа украл камионeт на американската поштенска служба и продолжил неселективно да пука врз случајни минувачи. Полицијата успеала да го опколи на паркингот пред киното „Cinergy“ и највериојатно го убила во престрелката. Полицијата засега одбива да го објави неговиот идентитет или да појасни како загинал.

Ова е второ масовно пукање во Тексас овој август. Пред четири седмици вооружен маж уби 22 лица во масовно пукање во Ел Пасо, кој е оддалечен околу 300 километри западно од Одеса.