Полицијата на островот Џерси, близу северниот брег на Франција, во неделата вечерта соопшти дека бројот на смртно настраданите од експлозијата во станбена зграда се искачил на пет луѓе, додека идните служби потврдија дека е малку веројатно дека има сѐ уште преживеани под урнатините.
Експлозијата во саботата утрото во станбена зграда на островот Џерси во улицата којашто се наоѓа во близина на пристаништето на главниот град на островот Сент Хелиер, целосно ја урнала трокатницата.
„Бројот на островјаните за кои е потврдено дека се усмртени сега е пет. Има одреден број станари, претпоставуваме четворица, кои се водат како исчезнати“, сооопшти локалната полиција на Twitter.
Островот Џерси е британски кралски посед со сопствен финансиски и правосуден систем, поради што важи како една од светските „даночни оази“. На островот, со посебнa документација за живеалиште, живеат околу 100.000 лица.
Полицијата потврди претходно дека противпожарната служба била повикана во петокот доцна ноќта откако станарите пријавиле дека се чувствува мирис на гас. Експлозијата се случила околу шест часот утрото по локално време во саботата.
На прес-конференцијата во неделата претставниците на службите за итни случаи соопштија дека операцијата на потрага и спасување минала во фазата на пронаоѓање и извлекување на телата, навестувајќи дека постојат исклучително мали надежи дека ќе бидат пронајдени преживеани.
Началникот на полицијата на Џерси, Робин Смит, изјави дека ќе биде спроведена независна истрага и дека „ништо нема да биде ниту вклучено ниту исклучено“, одговарајќи на прашањето дали инцидентот се третира како можно кривично дело.
Смит рече и дека операцијата за пронаоѓање и идентификување на телата ќе потрае извесно време. Според неговата процена „нема да бидеме тука со денови… веројатно тука ќе останеме со седмици“.