Бројот на мртвите на Шри Ланка се искачи на 310, воведена вонредна состојба

Бројот на загинатите во самоубиствените напади во цркви и хотели на Шри Ланка порасна на 310 луѓе во вторникот, кога земјата го одбележува националниот дел на жалоста.

Полицијата соопшти дека бројот на жртвите се зголемил бидејќи многу од ранетите им подлегнале на повредите во болниците, како и дека повеќе од 500 лица сѐ уште се хоспитализирани.

На жртвите им е одадена почест во вторникот со траорно триминутно молчење.

Во Шри Ланка во понеделникот вечерта е воведена вонредна состојба за да властите може да ја одржат безбедноста и поради непречената работа на основните службни во текот на истрагата за координираните бомбашки напади.

Вонредната состојба им дава на безбедносните сили посебни овластувања, вклучително и право на претреси и апсења без посебен налог. Уапсени се повеќе од 40 лица и повеќе од 20 куќи се пребарани досега во рамките на истрагата.

Полицијата во рамките на истрагата привела на испрашување и еден Сириец, потврдиле владини и воени извори. Во понеделникот уште една бомба била откриена во камион во Коломбо. Засега никој не ја презема одговорноста за самоубиствените напади.

Високи безбедносни мерки се спроведуваат и во главниот град Коломбо и во градот Негомба, 35 километри северно од престолнината, каде што се одржува масовниот погреб близу црквата во која беа убиени повеќе од 110 луѓе. Експлозиите се случија во текот на велигденските литургии во христијанските цркви во Ногомба, Батикалоа и Коломбо и во три лускузни хотела во главниот град.