Бруно го надмудри Алисон и го реши фантастичното дерби Манчестер Јунајтед-Ливерпул (ВИДЕО)

Манчестер Јунајтед и Ливерпул пред една седмица разочараа со својата дерби претстава во Премиер лигата, но затоа оваа вечер понудија спектакл на „Олд Трафорд“ во ФА Купот и одиграа натпревар во кој видовме дури пет гола и уште неколку изгледни шанси.

Најголемото англиско дерби пристигна премногу рано во најмасовното натпреварување во Англија, но во еден крајно возбудлив дуел, на крајот се радуваа „ѓаволите“ кои излегоа како победници во пресметката во која си разменија по неколку удари со лутиот ривал.
Ливерпул поведе со 0:1 благодарение на мајсторскиот гол на Мо Салах, но Мејсон Гринвуд брзо возврати и израмни на 1:1 во 26-та минута по додавањето од Маркус Рашфорд. Истиот овој двоец, но само со заменети улоги беше клучен и за вториот гол на Јунајтед со кој домаќините направија пресврт, но треба да се напомене дека огромна грешка направи и Рис Вилијамс кој ја утна топката и му подари стопроцентна шанса на Маркус.

Поради грешката на дефанзивецот на Ливерпул, додавањето на Гринвуд стигна до Рашфорд и овој без многу потешкотии го совлада Алисон Бекер за водство од 2:1 на стартот на вториот дел. Ова го натера Ливерпул одново да нападне, Милнер не искористи добра шанса, но веднаш после тоа Салах со својот втор погодок израмни на 2:2, а тоа воедно беше и втора асистенција за Роберто Фирмино.

По новото израмнување, Солскјер и Клоп повлекоа потези и од клупата, во домашниот тим влегоа Фред и Бруно, во противничкиот Мане, а токму еден од „џокерите“ го реши дербито. Во 78-та минута, Бруно Фернандеш успеа да го измами Алисон Бекер кој долго го поставуваше живиот ѕид, биејќи во неговиот агол за водство од 3:2. До крајот, Кавани го погоди дирекот и немаше среќа за повисоката победа од 4:2, но како и да е, Јунајтед се пласираше во петтата рунда во ФА Купот.