Кандидатот за пратеник од граѓанската квота на коалицијата Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија Андреј Врабчев пред своите гласачи во Благоевград ја претстави идејата за изградба на брза железничка линија меѓу Бугарија и Македонија.
Тој предложи проект за железничко поврзување на Благоевград со Кочани и оттаму во различните правци кон Битола, Скопје и Гевгелија.
Поврзаноста е една од големите предности на ЕУ бидејќи, според Врабчев, Европа на регионите стави крај на вековните спорови и им даде шанса на поделените региони да функционираат на природен начин.
Врабчев вели дека во контекст на руската агресија во Украина, во основа гледа огромен потенцијал во иницијативата „Три мориња“. За ова, тој најави дека кога ќе влезе во 49. Народно собрание на Бугарија, ќе инсистира на поврзување на Благоевград со Кочани-Велес, што би послужило како почеток на централна балканска брза линија што ги поврзува Црното и Јадранското море низ централниот дел на Македонија. Така ќе има директна врска меѓу Тракискиот и Пиринскиот регион во Бугарија, а во Македонија оваа линија ќе поврзе уште многу населени места. Таа ќе има голема економска, социјална и оптествена улога и ќе биде стабилизирачки фактор за Македонија.
Според Андреј Врабчев, линијата Ќустендил-Скопје не може да ја игра оваа улога бидејќи се наоѓа во непосредна близина на северната граница. Тој на средбата во Благоевград посочи и нереализирани проекти за локално поврзување со помалите гранични точки како Клепало, кои требаше да се реализираат, како и за подобрување на врската кај Петрич. Според него, таму треба да има и железничка линија која би стигнала до Струмица и би го поставила почетокот на поврзувањето со Радовиш и Штип.
Андреј Врабчев изрази убедување дека поврзаноста на сите нивоа меѓу Бугарија и Северна Македонија во сите сфери, комуникацијата меѓу луѓето е најдобриот начин да се надминат погрешните идеи наметнати од идеологиите на режимите во кои тие се развиле по Втората светска војна и за жал, намерно се поттикнуваат од „патриотите“ од двете страни на бугарско-македонската граница со поддршка од трети страни.
-Во бескорисни расправии изгубивме многу време, во моментов треба да ја достигнеме брзината на централнобалканската линија од 200 километри на час, а зошто да не и повеќе, изјави Андреј Врабчев.