Германскиот парламент во четвртокот ја одложи расправата за буџетот за следната година, откако Уставниот суд оцени дека владината прераспределба на 60 милијарди неискористени „пандемични“ евра на фондот за ублажување на климатските промени е незаконска.
Буџетскиот маневар им овозможи на партиите од владејачката „семафор“ коалиција – социјалдемократите, зелените и либералите, да извлечат максимална корист од привременото суспендирање на „плафонот“ за задолжување за време на корона-кризата. Маневарот се реализираше со ретроактивна измена на законот за Буџетот за 2021 година, со што се овозможи државата да се задолжи за 60 милијарди евра, иако тоа не беше потребно во тој период, и овие пари да ги користи во идните финансиски години преку фондот за клима.
Парите се префрлени во фондот во февруари 2022 година, а за 2021 година, така ретроактивно, судот го образложува поништувањето на оспорениот закон.
Ова му овозможи на министерот за финансии Кристијан Линднер повторно да го воведе „плафонот“ за задолжување оваа година, кој го ограничува буџетскиот дефицит на 0,35 отсто од БДП, а беше суспендиран од 2020 до 2022 година поради пандемијата.
Уставниот суд предупреди во својата одлука дека „плафонот“ на долгот може да се надмине само во вонредна ситуација, како што е пандемична криза. Преносот на средства во фондот за клима не го исполнува овој услов, се вели во одлуката на судот, објавена во средата.
Владата го прекршила Уставот со одобрување долг во финансиската 2021 година и со планирање на трошење во следните финансиски години, се наведува во пресудата на судот. Уставот е прекршен и со донесувањето на законот за дополнување на Буџетот за 2021 година на крајот на таа година, бидејќи тој мора да биде донесен една година порано, предупредија судиите.
Германскиот парламент поради пресудата ја одложи расправата за предлог-буџетот за 2024. Комисијата за буџет ќе се состане во текот на денот, според редовниот распоред, но следниот вторник ќе покани експерт да го слушне неговото мислење и да донесе конечна одлука два дена подоцна.
„Судската одлука има далекусежни последици за фискалната политика во Германија“, рече Клеменс Фуест, претседател на економскиот институт Ifo, додавајќи дека трошоците за декарбонизација на федерално ниво ќе бидат значително ограничени во наредните години.