Проектот за подигнување на свеста за важноста на противпожарната заштита и учеството на младите во неа, придвижен по иницијатива на Радио Бубамара, веќе завршува во две средни училишта. Цел на проектот е младите, граѓаните, заедниците на станари и сите колективни станбени згради да се мобилизираат околу обезбедувањето на основна противпожарна опрема и едукација за нејзина примена – до пристигнувањето на пожарникарите.
Акцијата започна во средните училишта „Орце Николов“ и „Никола Карев“, а од септември ќе се прошири во сите средни училишта. Во овие две средни училишта се формира ППЗ-секција, преку која средношколците се подготвија во претпоставена ситуација на ненадеен пожар правилно да дејствуваат и да овозможат безбедна евакуација, со што ќе помогнат додека пристигне противпожарната бригада за интервенција.
Средношколците направија своја анкета за примарна противпожарна заштита по разговор со родителите, соседите и со претседателот на куќниот совет во зградата во која живее за да осознае како да постапува во случај на пожар. Согледувајќи ги состојбите во своето непосредно опкружување, тие во иднина ќе можат како информирани и едуцирани млади луѓе да иницираат средување на ППЗ инсталацијата, хидрантите и да се заложуваат за потребата од поседување исправни ППЗ апарати во своите домови, во зградата во која живеат и во училиштето во кое учат.
Противпожарната заштита во станбените згради е на многу ниско ниво, нема хидранти или ако ги има – немаат противпожарни црева, функционалноста на ПП инсталацијата за заштита со години не е проверена, противпожарните скали за евакуација се преградени или затворени со непотребни предмети на станарите, а станарите не се информирани и едуцирани за последиците од опасноста од нефункционирање на сите овие сегменти од основната противпожарна заштита..
Во изминатите децении се случија многу пожари со тешки последици кои би можеле побрзо да се спречат кога граѓаните би биле информирани и би ја имале основната ПП опрема за постапување во случај на пожар.
Скопските општини, Инспекторатот за домување и одделенијата за заштита и спасување, заедно со другите институции и оделенија ќе се обидат да ги поттикнат и разбудат на ваква акција и заедниците на станари, фирмите управители на згради, граѓаните, а активно ќе бидат вклучени и градот Скопје и Противпожарната бригада на Скопје. Сознанијата за превенција, за брзо постапување при почетен пожар и за безбедна евакуација на пожарникарите ќе им ја олесни работата и ќе помогне при спасување човечки живот и имот на граѓаните.