Бугарија е пред бездна, кажа кандидатот за премиер на Бугарија

Кандидатот за премиер на Бугарија, предложен од ГЕРБ-СДС, Николај Габровски пред народните избраници во Парламентот го претстави својот предлог-кабинет. Во говорот направи обид да ја отвори како што тој нарече – „вратата и патот за помирување и разум”.

– Денес Бугарија не е само на крстопат, туку и пред бездна, а кој пат ќе тргне денес зависи од нас овде и сега, од вас во оваа сала – дали ќе тргнеме по патот на одговорноста, разумот и волјата да ја надминеме претстојната катастрофа со заеднички напори или ќе останеме затворени во пазувите на популизмот, конфронтациите и теснопартиските интереси, рече кандидатот за премиер на Бугарија.

– Мојата желба беше да се оттргнам од тесната партија, од конфронтацијата, да преминам на стручното, прагматичното, професионалното. Ова е и кабинетот што ви го претставив – од луѓе кои се професионалци без светла партиска боја, со искуство на сите нивоа во администрацијата, подготвени да работат ефикасно и целосно од првиот ден – посочи Габровски.

Според него, ако се пропушти шансата за гласање за неговиот кабинет, Бугарија „ќе остане во рацете на задкулисните зделки… на предизборната реторика од 2023 година – избори по избори”.

Тој резимираше дека наместо да се бори државата со должничката и економската криза, со безбедносната криза, со кризата на вредностите, па дури и со кризата на геополитичката ориентација, „ќе се фрлиме во бездната на серија вонредни парламентарни избори”.