Американските конгресмени кои побараа Бугарија да го тргне ветото од македонските евроинтеграци, останаа без одговор, а бугарскиот амбасадор во САД, Тихомир Стојчев, молчи и два месеца по доставената порака од конгресмените од Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД.
Конгресменката Клаудија Тени, за Гласот на Америка вели дека бугарскиот амбасадор со игнорирање на писмото покажал непочитување на Конгресот на САД.
„Не сме добиле директен одговор од амбасадорот, но слушнавме дека Бугарија нема да го почитува. Ќе продолжи да ги блокира Северна Македонија и Албанија во нивните обиди да ги почнат пристапните преговори со ЕУ. Ќе продолжиме да правиме напори таа да се повлече и да дозволи тоа да се случи. Сакаме да видиме нормализација во регионот“, вели конгресменката Клаудија Тени.
Тени вели дека загрижува фактот што Бугарија се обидува да се меша во правото на самопопределување на Македонија и можноста земјата да стане членка на ЕУ. Конгресменката не ја исклучува можноста, во иднина да се воведат санкции за Бугарија ако официјална Софија продолжи со блокадата.
„Не сум сигурна дека санкциите засега се соодветни, но, можат да бидат. Тоа е нешто што може да биде многу ефективно, особено ако продолжат да блокираат, да проектираат негативност и да создават пречки Северна Македонија и Албанија да имаат заслужен пристап во ЕУ. Потенцијално може да го разгледаме како начин да ги спречиме да ја продолжат нивната опструкција“, смета Тени.
Копретседателот на комисијата за историски прашања, бугарскиот историчар и екс-амбасадор во земјава Ангел Димитров во саботата во анализа за БГНЕС, потсети дека Бугарија на денешен ден прва ја призна Македонија. Димитров вели дека од есента 2019 година, во Македонија се врши антибугарска пропаганда, којашто, според него, потсетува на раните 1990-ти.
„Дијалогот мора да биде активен и реален, да не подлежи на пропагандна декларативност и да се дуплира со подмолни дејствија за да се обезбеди надворешен притисок врз Бугарија. Тогаш ќе стане јасно дека патот кон Брисел не е блокиран“ вели Димитров.
Бугарскиот премиер Кирил Петков на 18-ти јануари (вторник) ќе допатува во официјална посета на замјава. Во бугарската делегација се шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска, министерот за транспорт и врски и потпретседателот на Народното собрание.