Бугарија лута на извештајот на Институтот ИФИМЕС од Љубљана, бугарското МНР пак ќе го повика македонскиот амбасадор

Властите во Софија се лути по објавениот извештај на словенечкиот Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии ИФИМЕС од Љубљана. Министерството за надворешни работи на Бугарија денеска соопшти дека ќе го повика привремениот амбасадор на Македонија да даде објаснувања дали Владата во Скопје е поврзана со кампања спроведена преку овој институт.

Имено, пред неколку денови ИФИМЕС објави дека бугарските власти пласираат неверодостојни податоци дека Македонците имаат бугарско потекло и оти Македонија мора да даде официјална изјава дека македонскиот јазик и идентитет имаат бугарски корени.

Не може да се замисли дека во 21 век, државата Бугарија, која е полноправна членка на ЕУ и НАТО, ги оспорува идентитетот и јазикот на соседниот македонски народ“, коментираше словенечкиот Институт додавајќи дека бројот на етнички Македонци што живеат во Бугарија е околу 10 проценти од вкупното население на таа земја.