Бугарија не земала гас од „Газпром“, тврди Алексиев

Бугарскиот технички вицепремиер и министер за транспорт Христо Алексиев за телвизискиот канал bTV коментираше дека неговата земја не добила ништо од количества гас од рускиот енергетсски гигант „Газпром“, што ѝ следувале согласно договорот меѓу нив.

Алексиев појасни дека Бугарија немала потреба од овие количества гас од Русија.

„Бугарската преодна влада за два месеци постигна целосна диверзификација, и тоа по многу добра цена, што можеше да се види по цените за ноември, што ќе бидат под 200 лева (100 евра) за мегават час“, рече Алексиев.

Според него, на тендерите за природен гас за Бугарија учествувале 15 компании од Европа, САД и од Арапскиот полуостров, а следната седмица ќе бидат склучени два договора за течен гас (LNG) за ноември по „многу добри цени“. Следната аукција треба да биде одржана во декември.

„Овој месец ќе ги отвориме и понудите за среднорочниот тендер што ќе ја покрие не само грејната сезона, туку ќе стигне и до крајот на следната година“, рече Алексиев.

Од почетокот на август, кога почна со работа техничката влада на Бугарија, цената на бензините е намалена за 40 центи (20 евроценти).

Алексиев истакна дека просечната потрошувачка на струја од едно семејство во Бугарија е околу 200 киловат часови. Неговата земја ќе постави граница од 250-300 киловат часови, за да можат нормалните семејства да имаат корист од тоа.

„А кој сака и користи повеќе, ќе плати повеќе“, изјави бугарскиот вицепремиер.