Сега „веќе е неизбежно“ Бугарија да преговара со компанијата „ Газпром экспорт“, за испораки на гасот, изјави во понеделникот на брифинг со новинарите министерот во техничката влада Росен Христов по состанокот на кризниот штаб за надминување на проблемите во енергетскиот сектор.
„Бугарскиот бизнис не може да се справи со високата цена на гасот, што практично ги прави неизбежни преговорите со Газпром экспорт за продолжување на испораките на гасот според тековниот договор“, рекол Христов.
Притоа сугерирал дека постигнувањето договор ќе биде тешко, како и дека преговори за дополнителни испораки на гас ќе бидат водени и со гасните компании од Азербејџан, како и дека веќе е обезбеден еден танкер со течен природен гас (LNG) во октомври.
Меѓутоа преодната влада во Софија, предупредува дека претходната влада ги направила преговорите со руската компанија „речиси невозможни“ и дека крајно ги затегнала односите со Русија, со протерувањето на стотината руски дипломати за наводна шпионажа и со прекинувањето на секаква комуникација со Москва.
„Очигледно ќе треба да се обратиме кај нив, не очекуваме ниту лесни ниту брзи преговори, ниту којзнае каков резултат и покрај сите наши напори и со сите експерти. Можам сега да ви кажам дека ќе бидат многу тешки и сложени поради сѐ што е направено досега“, рекол Христов и реторички прашал зошто „Газпром“ треба да ѝ дава гас на Бугарија, со оглед на тоа што во Европа може да продава по многу повисока цена количества кои веднаш се земаат.
Претходно во неделата во интервју за агенцијата ТАСС, руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, коментирајќи го прашање за испораките на рускиот гас за Бугарија беше категорична дека решението на тоа прашање целосно зависи од позициите на бугарските политичари.
„Сметам дека доколку има политичка волја, нема да има проблеми со ‘Газпром’, бидејќи за обновувањето на снабдувањето со гас не е потребно да се потпише нов договор, тој важи до декември. Можно е и да се разговара и за испораките на количествата гас што беше прекинато во април поради неплаќањето во рубљи. Сепак, нема начин да се разговара за можноста гасот да се плаќа во долари или евра, а не во рубљи“, истакна Митрофанова.
На 27-ми април руски „Газпром“ целосно го прекина снабдувањето со гас за бугарската компанија „Булгаргаз“ поради одбивањето испораките да се исплаќаат во рубљи, според новиот модел што го одреди Москва поради западните санкции наметнати поради војната во Украина врз нејзиниот финансиски сектор. Според него, компанијата нарачател треба да отвори сметка во „Газпромбанк“ на која ја врши уплатата во евра или долар и втора преку која банката ги продава валутите на Московската берза за рубљи и се врши плаќањето. Но Софија, солидаризирајќи се земјите во ЕИ и НАТО, иако водечки компании од Европа се согласија на таквиот начин на плаќање, одби да ја променува таа шема.
Подоцна бугарската влада водена од Кирил Петков објави дека пронашла алтернативни правци на снабдување, вклучително и увоз на течен природен гас (LNG) од САД и испораки од Азербејџан, и тоа по значително пониски ценит отколку што ги нуди „Газпром“
Од друга страна, гасот во јули во Бугарија чинеше 186.17 (или 95.34 лева) без дополнителни давачки за мегават-час, а во август цената скокна на рекордните 297,89 лева (149 евра) за мегават час, а се прогнозира дека цената на енергенсот во септември ќе се зголеми за дополнителни 6 отсто. Според бизнис заедницата, во моментов прифатлива цена би била 250 лева (124 евра) за мегаватчас без давачките за пристап, пренос, акциза и ДДВ.