На братскиот македонски народ му го честитаме државниот празник Свети Климент Охридски, големиот просветител, првиот словенски епископ, еден од основоположниците на кирилското писмо кое ги поврзува современите руски и македонски јазици.
Вака гласеше честитката што денеска ни ја испрати Руската амбасада во земјава, а која предизвика низа негативни реакции кај нашиот источен сосед Бугарија.
Како што објави БГНЕС, универзитетскиот професор Пламен Павлов, кој се смета за еден од најголемите познавачи на бугарската и на балканската средновековна историја, смета дека руската честитка до Македонија е провокативна.
– За жал, имаме уште една руска провокација која има за цел да забие клин помеѓу Бугарија и Северна Македонија и да ја искриви вистината до крајно невозможен степен. Сите историски извори, биографии и други документи јасно говорат за бугарската припадност на Свети Климент Охридски – изјави Павлов за БГНЕС.
Тој ја осуди и честитката на премиерот Зоран Заев, во којашто е истакнато дека Свети Климент е жив споменик на нашата историја и основоположник на Охридската школа.
– Во својата изјава премиерот Зоран Заев воопшто не спомнува дека ликот и делото на Свети Климент Охридски се заеднички со Бугарија и се важни за бугарската историја и култура. Во период кога самот Заев бара помирување со Бугарија, односно бара заеднички јазик за решавање на билатералниот проблем, тој всушност покажува дека не се бара заеднички јазик и дека се продолжува со јазикот на лагите и бугарофобијата – рече Павлов.
Според него, сите историски извори, житија и други документи говореле за бугарска припадност на светителот, а во сите документи Свети Климент бил нарекуван чувар на бугарската духовност.