Бугарија-заробена демократија или клептодемократија

Надворешно-политичката тенденција на бугарската надворешна политика за постојан притисок врз Македонија имаше и сеуште има само една цел. Зајакнување на рејтингот на владеачките елити пред домашната јавност. Во односите со Република Македонија, Бугарија води политика на безизлезност. Ги влоши односите со Македонија до крајни граници, го отвори патот за зајакнување на македонско-српските односи, а во исто време се обидува да ги влоши односите и со Србија. Немоќна да ја заврши домашната задача што сама си ја зададе, таа влага во непринципиелна коалиција со Албанија и нејзините експоненти во Македонија. На моменти се чини дека бугарската политичка елита е на платен список на Вучиќ. Исто како и про-бугарските центри во Македонија.

Изминатава седмица граѓаните на Бугарија излегоа на седми парламентарни избори за три години. Во парламентот влегоа рекордни осум политички партии. Резултат на малата излезност. Излезноста на овие избори беше околу 39%, што за волја на вистина е повеќе од претходните, на нив излезноста беше 35%. Јасен знак на општата разочараност од политичката елита.

Испитувањето на јавното мнение на институтот „Галуп“, од 18 октомври оваа година, покажува дека62 % од граѓаните на Бугарија не веруваат дека изборите ќе бидат фер и слободни. Уште пострашно! Десет проценти од граѓаните изјавиле дека би гласале за одредена партија или кандидат во замена за кеш или некоја друга привилегија.

Потврда за ова се наоѓа и во фактот дека пред почетокот на изборите, полицијата покрена истраги против 200 лица, кои поткупувале гласачи. Нивните имиња беа објавени од страна на една невладина организација. Најголемиот дел од нив беа поврзани со лидерот на „Движењето за права и слободи – нов почеток“, Делјан Пеевски. Близок политички и бизнис партнер на поранешниот премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов. Оваа колиција на избориве освои 11,5% од гласовите и стана четврта политичка сила во парламентот. Инаку Пеевски е познат и моќен буграски олигарх, член на бугарскиот парламент од 2009 година и ставен на црната листа на САД и Обединетото кралство заради корупција.

Оттука, не треба да зачудува фактот дека Бугарија е држава во чии институции во 2023 година, верувале само 17% од испитаниците на Галуп.  Уште полошо! Според анкетата на бугарската национална телевизија, само 6% од јавноста верува во парламентот. За сериозноста на состојбата најдобар доказ е изјавата на претседателот Радев по завршувањето на изборите „… Како е возможно на мнозинството од сигнали и примери за купени и манипулирани гласови, видени од сите, да останат надвор од вниманието на одговорните институции?…“. На оваа изјава веднаш се надоврза лидерот на „Има таков народ“, Славеј Трифунов, кој повика на смена на привремената влада, која е одговорна за неправилностите во изборниот процес.

Не е претежок збор доколку се каже дека во моментов Бугарија е заробеник на криминалните политички елити. Некои нејзини политички аналитичари состојбата ја дефинираат како заробена демократија. Други, пак, зборуваат за клептократска демократија. Сосема сеедно, суштината е таа. Интересите на бугарските политички елити не кореспондират со интересите на мнозинството граѓани. Во крајна линија, не кореспондира ниту со националните интереси на Бугарија. Оправдувањата од типот дека состојбите во Бугарија се резултат на руската специјална војна не се рационални. Руското влијание во Бугарија историски е присутно. Тоа никој не го негира! Но, вината не требе да се бара во Русија. Таа делува така како што и налагаат нејзините национални интереси. Работа е на политичките елити во Бугарија да го минимализираат тоа влијание. За жал, се чини дека тие имаат други интереси. Интереси кои не кореспондираат со интересите на мнозинството граѓани. Во спротивно Бугарија немаше да се доведе во ваква ситуација.

Од 2021 година до сега во Бугарија ниту една политичка партија не успеала да формира влада. Успешни биле, ако така може да се каже, само две коалициони влади. Едната по изборите во ноември 2021 година, која траеше седум месеци, и втората по изборите во април 2023 година – девет месеци.  Двете владејачки коалициии пропаднаа заради внатрешни судири околу справувањето со корупцијата, криминалот и енергетската зависност од Русија. Фактички, непреченото владеење на Борисов до 2020 година беше прекинато со помош на демонстрациите против криминалот и корупцијата во Бугарија. Но, очигледно е дека ниту Борисов ниту неговата партија, во овој момент, никој не може да ги победи. Во Бугарија, разочараноста во изборниот процес доведе до ситуација во која победникот на изборите не зависи од мнозинството на гласачите, туку од мнозинството на партиските војници сместени во државните органи и нивните семејства.

Делумен исклучок од овој заклучок е партијата „Вздражение“. Таа на овие избори го освои третото место по бројот на гласови, но разликата помеѓу неа и второпласираната коалиција на ПП-ДБ е 1%. Воздражение е крајно десна националистичка партија. Партија која е против членството на Бугарија во НАТО, про-Руска и се залага за пристапување на Бугарија кон БРИКС, без напуштање на ЕУ.  Истовремено, согласно изборната стратегија, оваа партија, а посебно нејзиниот лидер Костадин Костадинов, јавно ги обвинува сите останати политички партии дека се мафијашки организации, кои работат под диктат на Брисел и Вашингтон. Уште повеќе за него Бугарија е американска колонија, со која управува американската амбасада во Софија. Во последното интервју, пред изборниот молк, за весникот „Факти“, Костадинов зборувајќи за еветуално постизборно коалицирање, изјави дека Вашингтон и Брисел, вршат притисок врз ГЕРБ и ПП-ДБ да не прифатат коалиција со неговата партија. Дали ова е точно или не, воопшто не е важно! Важно е дека веднаш по завршувањето на изборите Борисов јасно стави до знаење дека со оваа партија нема да има пост-изборна коалиција. Ги повика и другите партии да го сторат истото.

За жал, или за среќа, ова му се врати како бумеранг. На не цели два дена по завршувањето на изборите, лидерот на второпласираната коалиција ПП-ДБ, Кирил Петков, повика на формирање на санитарен коридор против „Движењето за правата и слободите – нов почеток“ и нејзиниот лидер Делјан Пеевски. Истовреммено, Петков побара овој предлог да биде прифатен од страна на сите политички партии влезени во новиот парламент. Јасно стави до знаење дека и изборот на преседател на парламентот ќе зависи од усвојувањето на ваква декларација. Дополнително, тој ги повтори старите заложби за справување со криминалот и корупцијата, кои и ставија крај на коалицијата со ГЕРБ во 2021 година. Сосема разбирливо и оваа партија одби секаква можност за коалицирање со „Взраждение“.

За да биде пост-изборниот период дополнително искомпликуван, лидерката на коалицијата на левицата јасно изјави дека тие нема да коалицираат со ниту една политичка партија. Се на се, Бугарија по изборите е поблиску до нови отколку до стабилна влада. Евентуална тројна колаиција помеѓу ГЕРБ, ПП-ДБ „Алијансата за правата и слободите“ на ветеранот Ахмет Доган ќе обезбеди мнозинство, но во оваа фаза Доган не прифаќа таква можност.  Партијата „Има таков народ“ на Славеј Трифунов исто така може да придонесе за формирање на стабилна влада, но до сега се нема изјаснето. Последна опција е формирање на малцинска влада на ГЕРБ и ПП-ДБ, со подршка на некоја од овие две партии, но праксата покажува дека тоа ќе биде исклучително тешко.

Како и да е, формирање на нова влада нема да значи стабилизирање на политичката ситуација. Фрагментираниот парламент, во кој главен збор ќе има крајната десница може само дополнително да ја искомпликува состојбата. Не требе да се заборави дека нејзиниот предлог за носење на декларација со која се осудува однесувањето на Република Македонија, беше едногласно усвоена од сите партии застапени во парламентот. Истата партија, предложи амандман, во новиот закон за образование, со кој  „..нетрадиционалната сексуална ориентација е спротивна на бугарскиот правен концепт…“. Амандманот со мнозинство гласови беше усвоен во парламентот. Популизмот на крајната десница, исто како и во другите европски држви, маршира и во Бугарија. ГЕРБ може и ќе успее да се справи со барањата на „Взраждение“, но со ПП-ДБ исклучително тешко. Хардварското лидерство на оваа партија нема да може да прифати компромиси со крајната десница. За нив про-западниот имиџ на партијата е позначаен отколку одржувањето на владина колиција со ГЕРБ.

Народната поговорка „што си дробел, тоа ќе сркаш“ е најдобар одговор на долготрајната бугарска политичка криза. Тоа е внатрешно прашање на Бугарија и Република Македонија, нити треба, ниту може да помогне да се надмине. Едноставно досегашното бугарско однесување посебно во надворешната политика кон Македонија, не оправдува пружање на рака за помош. Политичките елити во Бугарија, своите себични интереси ги прикриваа со постојано сервилно следење на политиките на Брисел и Вашингтон. Нивната политика кон Македонија, исто како и нивните клептократски однесување, беа прикривани зад оваа сервилност.

Надворешно-политичката тенденција на бугарската надворешна политика за постојан притисок врз Македонија имаше и сеуште има само една цел. Зајакнување на рејтингот на владеачките елити пред домашната јавност. Во односите со Република Македонија, Бугарија води политика на безизлезност. Ги влоши односите со Македонија до крајни граници, го отвори патот за зајакнување на македонско-српските односи, а во исто време се обидува да ги влоши односите и со Србија. Немоќна да ја заврши домашната задача што сама си ја зададе, таа влага во непринципиелна коалиција со Албанија и нејзините експоненти во Македонија. На моменти се чини дека бугарската политичка елита е на платен список на Вучиќ. Исто како и про-бугарските центри во Македонија.

Во вакви услови, македонската дипломатија и нема некој поголем избор. Дијалогот може да помогне, но за тоа треба соговорник кој сериозно е заинтересиран за националните интереси на својата држава. Таков во моментов во Бугарија нема. Да имаше таа во изминативе децении ќе водеше политика на српско-грчко раздвојување на просторот во Македонија. Вистински национален интерес на Бугарија е Македонија да се приближи кон неа, а не кон Србија. Тоа во крајна линија е интерес и на Македонија. Win-Win решение е најдоброто за двете страни. За жал бугарската политичка елита влезе во zero-sum game. На македонската влада не и’ останува ништо друго, туку да го отвори прашањето за членството на Бугарија во Советот на Европа. Земјите членки на Советот на Европа треба деноноќно да се потсетуваат на пресудите на европскиот суд за човекови права, а Вашингтон за неговите годишни извештаи за правата на македонското малцинство во Бугарија. Од тоа немаме што да изгубиме, а можеме да добиеме. Ако ништо друго врз основа на нивните реакции на нашите барања на површина ќе излезе и нивната искреност или неискреност во изјавите дека не’ посакуваат во ЕУ.

Автор: Јован Донев за НетПрес