Бугарија одлучи да го продолжи Турски тек

Операторот со бугарскиот гасоводен систем „Блугартрансгаз“, ќе гради гасовод од границата со Турција, преку кој рускиот гас кој се транспортира преку гасоводот Турски тек ќе продолжи во Србија, соопшти компанијата додавајќи дека трошоците за проектот се проценуваат на 2,7 милијарди левови, односно околу 1,4 милијарди евра.

Одлуката е донесена врз основа на тендерот за резервациите на капацитетот на новиот гасовод,, во текот на кој две компании договориле 100 отсто од идните обеми на гасот. Сега „Булгартрансгаз“ треба да потпише обврзувачки договори со тие компании, се истакнува во соопштението.

Аукцијата била спроведена од 21-ви декември до 31-ви јануари во три фази. Аплицирале четири компании, а интерес пројави и рускиот енергетски гигант „Газпром“. Три компании учествувале во првата и во втората фаза од тендерот, при што странките не биле задоволни од меѓусебно понудени услови.

Во третата етапа „Булгартрансгаз“ го намалил обемот на понудениот капацитет и го зголемил периодот на закуп од 15 на 20 години. Како резултат на тоа, две компании учесници на тендерот се согласиле да резервираат 100 отсто од предложените обеми на гасот, по што наддавањето е прогласено за успешно.

Подоцна „Газпром“ објави дека компанијата учествувала во третата фаза на аукцијата и оти резервирала закуп на одреден обем од новиот гасовод. Во кој обем е склучен договорот, не појаснуваат од руската компанија.

Проектот Турски тек, кој беше покренат откако ЕУ правеше пречки околу претходниот план за Јужен тек кој требаше да испорачува руски гас во хаб во Бугарија по што Москва се повлече, вклучува изградба на два цевковода со моќност од 15,75 милијарди кубни метри секој. Првиот е наменет за снабдување со гас на турските потрошувачи, а вториот за снабдување на земјите од јужна и југоисточна Европа. Планираниот почеток на функционирање на гасоводот е до крајот на 2019 година.