Нема сомневање дека македонскиот јазик е литературен, а не дијалект, а историјата на македонскиот јазик не почнува со Коминтерната. На оние кои тврдат дека македонскиот јазик е вештачки мора да им се каже дека и бугарскиот јазик е вештачка конструкција и е создаден во XIX век, тврди Александар Ќосев, историчар по култура и литературен научник, професор на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски” во изјавата за БГНЕС.
Ќосев е раководител на Културниот центар при софискиот универзитет. Тој организираше превод од македонски на бугарски и од бугарски на македонски јазик и зборуваше за четири ставови за односите меѓу бугарскиот и македонскиот јазик.
Првиот став е официјалниот бугарски став дека македонскиот јазик е кодифицирана норма на бугарскиот јазик. Овој став, според Ќосев, се потпира на некаква хипотетичка јазична историја.
Вториот став е македонскиот. „Официјалниот македонски став, кој што не е само македонски, го дефинира македонскиот јазик и неговиот однос кон бугарскиот преку потеклото. Но, не преку историското потекло, туку преку потеклото на обичниот човек. Затоа што јазикот се раѓа секогаш кога ќе се роди бебе и кога ќе го научи својот мајчин јазик и кога ќе го научи овој волшебен, сладок мајчин говор. Односно, постои вроден однос на поединецот кон јазикот што го прави мајчин јазик. Замислете ја ситуацијата на Македонците, кои живееле со овој мајчин говор, шармантен, сладок, македонски, па некој доаѓа и им вели: Ова не е ваш јазик. И што се случува потоа, се разбира следуваат вицови“, вели Ќосев.
Третиот став е модерната наука и овој став е поддржан од професорот Ќосев. Модерната наука истражува и јасно кажува како настанале модерните народи и како се кодифицираат литературните јазици.
„Се осмелувам да кажам дека се согласувам со овој став и централниот приговор на бугарската страна, дека македонскиот е вештачка конструкција. Овој став кажува нешто многу просто, дека и бугарскиот јазик е вештачка конструкција. Тоа е вештачка конструкција што се создавала во текот на еден век, 19 век, и која го кодифицирала јазикот за да има идентитет – политички идентитет, а не јазичен идентитет”, нагласи Ќосев.
Четвртиот став е на славистите насекаде низ светот.
„На светските универзитети има лингвисти и којзнае зошто не се сомневаат дека македонскиот јазик постои. Тие некако немаат заеднички став со бугарските лингвисти. За оваа не мала ‘академска заедница’, македонскиот јазик заслужува да биде изучуван, а неговата фонетика, морфологија, синтакса и неговата литература се несомнени. За овие слависти низ светот, бугарско-македонскиот спор е ‘многу чуден и речиси неразбирлив’“, вели Ќосев за кого нема никаква дилема дека македонскиот е литературен јазик.
„Јас сега кажав каде сум. За мене нема дилема дека македонскиот јазик е посебен литературен јазик и дека луѓето си го користат. Тоа не е дијалект, бидејќи дијалектот се користи во одредени функционални сфери на општеството, односно дома, во секојдневниот живот, на нива, но дијалектите не можат да им служат на сите современи сфери на животот. Тие не можат да се користат во болници, училишта, дипломатски канцеларии. Значи, македонскиот јазик од оваа гледна точка е полноправен јазик“, тврди Ќосев.
Тој смета дека историјата на македонскиот јазик не започнува со Коминтерната и нејзината „хипотетичка или нехипотетичка интервенција” во 1945 година, туку многу порано кога источните и западните дијалекти на бугарските „говорители” во овие земји почнаа да се оддалечуваат и да имаат различна културна судбина.
„Секој што го читал списанието ‘Македонија’ знае што пишува таму за македонскиот јазик Петко Славеиков. Со два збора, македонскиот јазик од една или друга причина се одвоил, има самостојна судбина, му служи на целото македонско општество, на него е напишана прекрасна поезија. Има традиции и тој што го негира тоа мора да е слеп, а тој што сè сведува на некакво потекло мора да запомни дека зборот потекло има две значења – потеклото на родот и потеклото на поединецот. Никој не може да им го одземе чувството на Македонците дека го зборуваат својот мајчин јазик“, рече Ќосев.