Бугарскиот парламент во средата одби формирање технократска влада што го предложи партијата од десниот центар ГЕРБ, продлабочувајќи ја политичката блокада во земјата којашто, како што се чини, е сѐ поблиску до уште едни парламентарни избори.
Бугарија во изминатите 18 месеци четири пати спроведуваше парламентарни избори, поради неможноста да се формира политичка функционална коалициска влада, поради тоа што немаше јасни победници на изборите.
Партијата ГЕРБ, на поранешниот премиер Бојко Борисов кој ја водеше Бугарија повеќе од деценија пред да ја загуби власта по низата масовни протести во 2021 година со обвиненија за корупција, победи на изборите на 2-ри октомври но не успеа да обезбеди поддршка од мнозинството во Националното собрание за формирање функционална политичка влада.
Гласањето во парламентот во средата покажа дека Николај Габровски, 51-годишен неврохирург без политичко искуство како предлог за премиер на ГЕРБ, ја нема потребната поддршка за водење на технократска влада. Доби поддршка од 113 од вкупно 240-те пратеници.
Габровски рече дека неуспехот на гласањето значи дека „тргнуваме во пропаста на низата предвремени избори, наместо земјата да се занимава со економските и безбедносните прашања“.
Се очекува дека бугарскиот претседател Румен Радев сега ќе бара од главниот ривал на ГЕРБ, партијата Продолжуваме со промените на поранешниот прозападен премиер Кирил Петков да ја состави идната влада. Меѓутоа, нејзините шанси за успешно формирање коалициска влада, исто така, се мали бидејќи нема доволно сојузници во парламентот за мнозинство.
Доколку и третиот и последен обид за составување на владата пропадне, Радев ќе мора да го распушти парламентот и да распише нови парламентарни избори во рок од два месеца.
Неуспехот во формирањето на владата би можело да го наруши планот на Софија за приклучување на еврозоната во 2024 година, како и носење на обемниот буџет за 2023 година во време на висока инфлација и закани за големо забавување на економијата.