Официјална Софија со зголемена загриженост ги следи случувањата во Македонија поврзани со бугарските клубови, соопшти бугарското МНР.
Официјална Софија со зголемена загриженост ги следи случувањата во Македонија поврзани со бугарските клубови, соопшти бугарското МНР во експресната реакција само неколку часа откако Министерството за правда одлучи да ја поништи регистрацијата на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола.. Денеска шефот на бугарската дипломатија Милков отиде и чекор понатаму. Тој смета дека ова било дел од поширока антибугарска кампања и напад на бугарската држава, алудирајќи на вчерашниот упад од непознати лица во бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, каде според информациите од полицијата бил украден еден монитор од компјутер.
„Ситуациите во кои таму беа нападнати бугарски клубови и бугарски организации веќе поминаа. Сега и бугарската држава од вчера станува предмет на слични напади. За мене трендот е очигледен и оваа неказнивост предизвикува тенденција за нови провокации и кривични дела“, рече Николај Милков.
Со реакција се јави и бугарската потпретседателка, Илијана Јотова. Таа обвини дека не постоел ниту еден знак дека македонската Влада сака да стави крај на говорот на омраза и не гледа никаков сигнал дека Бугарите наскоро ќе бидат внесени во македонскиот Устав. Јотова вели дека прифаќањето на францускиот предлог од страна на Македонија бил последниот позитивен чекор во процесот на пристапување на земјата во ЕУ. Оттогаш, вели таа, сите активности одат наназад.
„Од палењето на клуб во Битола, до посегнување на бугарската културна институција – тоа е официјална институција на бугарската држава Сите овие постапки македонските власти ги оставија без последици. Нема ниту еден знак дека власта во Македонија сака прво стави крај на овој незамислив говор на омраза што продолжува да се излева во Македонија во однос на сè што е бугарско, како и конкретни решенија за, како што велат – криминалните дела“-Илијана Јотова – потпретседателка на Р. Бугарија.
Со реакција на Фејсбук се приознесе и претседателот на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“, кој вели дека македонските Бугари знаат по кој пат треба да оди Македонија и потенцира дека ќе стигнат дури и до Судот во Стразбур. Жестоките реакции на Софија доаѓаат по одлуката на министерот Лога да го избрише од регистарот клубот Ванчо Михајлов по препорака на комисијата која оцени дека Михајлов е личност блиска до фашистичката идеологија, а неговото име претставува провокација за националните чуства на Македонците.
Вчера Централен регистар го одби и барањето за пререгистрација на клубот Цар Борис Трети поради истечен рок и нецелосна документација, и за истото го известило министерството, од кое и овојпат зависи конечната одлука.