Булинг пријавиле 40 отсто од учениците во основните училишта во Куманово

Голем пораст на врсничкото насилство во основните училишта во Куманово покажа анкетата меѓу учениците, која на крајот на минатата година ја спроведе Општинскиот советот за превенција од детско претстапништво во Куманово. Од вкупно 840 анкетирани ученици дури 318 пријавиле булинг, објави кумановоњуз.

Податоците покажуваат енормно зголемување на случаи со булинг за два до три пати. Анкетирање е направено во сите основни училишта и опфатени се учениците од 6-то до 9-то одделение.

„Констатиравме дека врсничкото насилство е во голем пораст. Од анкетирани 840 ученици од 13 училишта резултатите покажуваат 318 пријавени случаи на булинг. Секторот за образование веднаш даде насоки за преземање на активни мерки од страна на стручни служби во училиштата. Но, ние како совет имаме насоки каде треба повеќе да обрнеме внимание и да организираме работилници и предавања во конкретни училишта“, истакна Лилa Младеновска, претседателка на Советот за превенција од детско претстапништво во Куманово.

Таа изрази надеж дека со програмата за 2024 година ќе има барем мало намалување на случаите на булинг.Јавно ги повика родителите за активно вклучување затоа што постои огромна потреба од нивно ангажирање. Иако родителите се зафатени со работни и лични обврски, токму тие се најважни во забележување на промена на однесување на своето дете, во навремено препознавање, превенција и мерки за спречување на секое девијантно однесување во соработка со училиштата, отсекот за превенција на СВР Куманово и општинскиот совет за таа намена. Секогаш може да разговараат со наставниот кадар и стручните служби за да не дојде до ескалација на ситуацијата и несакани последици.
Родителите, пак, не се заинтересирани за соработка со општинскиот Совет за превенција покажала праксата.

„Во училиштето „Крсте Мисирков“ од поканети 207 родители на деца од 7 и 8 одделение дојдоа само 10 што покажува колку родителите не се свесни за се што се случува во и околу училиштата. Затоа упатуваме апел за вклучување на сите родители во борбата против секаков вид на насилство, бројката од 40 насто присуство на насилство е огромен процент.Анкетите не секогаш ја прикажуваат реалната бројка, и верувам дека е далеку поголема. Ова не е загрижувачки, туку е крајно алармантно“ констатираше советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Валентина Младеновска.

Дел од советниците сметаат дека ваквото однесување треба да се уреди со закон и да се санкционираат родителите на децата за извршен булинг. Треба построги казни за родителите, затоа што врсничкото насилство е резултат на лошо или несоодветно воспитување.

Раководителот на Секторот за образование во Општина Куманово, Александар Јовановиќ, вели дека тие веќе одржале состанок со директорите на сите основни училишта, и дадени им се инструкции како да постапуваат. Во училиштата каде што има поголем број на пријави за врсничко насилство веќе се одржани родителски состаноци и предочена им е состојбата, а во второто полугодие откако ќе се вратат децата во училиште ќе се организираат работилници за решавање на проблемот.

„Повеќе пријави за булинг има во поголемите, градските училишта, и секако дека состојбата е загрижувачка. Но, она што не е прецизирано во анкетата е дали се работи за насилство во училиштата или надвор од нив, односно дали станува збор за сајбер напад. Ние во наредниот период заедно со советот ќе направиме такво истражување да видиме дали булингот се случува во нашите објекти или на интернет групите во кои членуваат децата, а ние таму веќе немаме надлежност да постапуваме и да контролираме“, вели Јовановиќ.