Бундеслига: Борусија и натаму во стапка го следи Баерн

Борусија Дортмунд во последниот саботен натпревар од 32-то коло на германското фудбалско првенство пред своите гледачи со 5:2 го совлада истоимениот клуб од Менхенгладбах, и остана на само бод од водечкиот Баерн Минхен во трката за титулата кој претходно со 6:0 го совлада давеникот Шалке.

Прашањето на победникот „црно-жолтите“ од Дортмунд го решија во првото полувреме кога дојдоа до недостижната предност од 4:0. Головите ги постигнаа Дониел Мален во 5, Џад Белингем во 18 и Себастиен Халер во 20 и 32 минута, а во вториот дел гостите од Менхенгладбах намалија преку Рамни Бенсебијани кој реализираше пенал во 75 минута, и Ларс Стендл кој погоди во 85 минута. Конечниот резултат го постигна Џовани Рејна длабоко во судиското продолжение на натпреварот.

На табелата води Баерн со 68 бодови, пред Борусија Дортмунд која има бод помалку, трет е Унион Берлин со 59 бодови а последното место за пласман во Лигата на шампионите го држи РБ Лајпциг со 57 бодови и меч помалку. Борусија Менхенгладбах е 11-та со 39 бодови.

Претходно во саботата со високата победа од 6:0 над Шалке на својот терен, минхенски Баерн неколку часа имаше четири бодови предност. Стрелци за Баерн беа Томас Милер во 21, Џошуа Кимих од пенал во 29, Серж Гнабри. во 50 и 66, Матис Тел во 80 и Нусаир Мазрауи во втората минута од судиското надополнување.

Шалке остана на 30 бодови и на 16-то место, од кои се игра квалификации за опстанокот во Бундеслигата, а го загрозува Штутгарт кој е претпоследен 17-ти со 28 бодови но и меч помалку а во недела на свој терен го пречекува РБ Лајпциг.

Бохум како домаќин со 3:2 го совлада Аугсбург. Стрелци за домашните беа Кристофер Антви-Аџеи во 2 минута, а во 59 автогол постигна Џефри Гувелиув и Антони Лосила во 62 минута. За гостите стрели беа Арне Мајер во 29 и Келвин Јебоах во 85 минута.

И двата клуба во преостанатите шест кола ќе настојуваат да го обезбедат опстанокот. Во поповолна позиција е Аугсбург кој е 13-ти со 34 бодови, а Бохум е 15-ти со 31 бод.

Волфсбург на домашен терен со 2:1 го победи Хофенхајм. Домашните имаа водство со головите на Јакуб Камински во 15 и Лука Валдшмит во 75 минута, а почесниот гол на гостите беше всушност автогол на Џошуа Гулавогуи во третата минута од судиското продолжение.

Волфсбург е 6-ти со 49 бодови, а Хофенхајм остана 14-ти со 32 бодови и сѐ уште нема осигурено опстанок.

Ајнтрахт во Франкфурт со головите на Даичи Камада од пенал во 18, Аурелио Бута во 40 и Рандал Коло Муани во 59 минута оствари убедлива победа над гостинскиот Мајнц.

Така Ајнтрахт го мина на табелата Мајнц, сега  8-ми со 46 бодови а денешниот противник остана на бод помалку и место подолу на табелата. Двата тима се надеваат дека во преостанатите кола можат да изборат пласман во Конференциската лига, за која се бори и Баер Леверкузен кој е 7-ми со 48 бодови и меч помалку. Шестата позиција ја држи Волфсбург со 49 бодови, а петтата која води во Лига Европа Фрајбург кој има 56 бодови.

Унион Берлин во домашниот меч со Фрајбург ја обезбеди победата од 4:2 уште во првото полувреме кога стрелци беа Кевин Бехренс во 5 и Шералдо Бекер во 36 и 38 минута. Во вториот дел Унион постигна погодок и во 80 минута преку Аиса Лаидуни, откако гостите претходно се обидоа да дојдат до израмнување со головите на Мануел Гвиде во 56 и Винченцо Грифо во 70 минута од пенал. Берлинскиот тим така ја зацврсти својата трета позиција во моментов со 59 бодови и пласман во Лигата на шампионите.

Колото ќе заврши во недела кога на распоредот се дуелите Штутгарт – Баер Леверкузен и РБ Лајпциг – Вердер.