Бундеслига: Домашен пораз на Борусија Д. од Лајпциг, тежок на Баерн кај Ајнтрахт

Голема победа остварија фудбалерите на РБ Лајпциг, кои победија со 3:2 во последниот натпревар од саботната програма во 14. коло од германската Бундеслига на гостувањето кај Борусија Дортмунд.

Домашната екипа од 15. минута остана со играч помалку, бидејќи стоперот Матс Хумелс беше исклучен поради прекршок над Опенд во потенцијална ситуација за гол. Екипата од Лајпциг ја искористи бројната предност на теренот веќе во 32. минута, но голот го постигна домашниот дефанзивец Рами Бенсебаини чиј обид за исфрлање со глава заврши во неговата мрежа. Во последните моменти од првото полувреме Никлас Суле го постигна израмнувачки гол. Австриецот Кристоф Баунгартнер повторно ги доведе гостите во водство во 54. минута. Последните два гола на натпреварот беа постигнати во продолженијата. Најпрвин Данецот Јусуф Поулсен погоди во првата минута за 3:1, а поразот на домаќините две минути подоцна го ублажи Никлас Фуелкруг.

РБ Лајпциг со деветтата победа стигна до 29 бода и направи четири бодови разлика во однос на Борусија Дортмунд која остана на петтото место.

Фудбалерите на Ајнтрахт ги израдуваа своите навивачи на „Дојче Банк Парк“ со убедливата победа од 5:1 против актуелниот германски шампион Баерн, што беше нивниот прв пораз во новата сезона во Бундеслигата.

Со головите на Омар Мармуш во 12. минута, Јуниор Дина Ебимба во 31. минута и Хуго Ларсон во 36. минута домашните стигнаа до три гола предност. Џошуа Кимих накратко стави крај на надмоќта на Ајнтрахт со гол во 44. минута, но поразот на Баварците во вториот дел го запечатија Дино Ебимбе со неговиот втор гол во 50. и Ансгар Кнауф во 60. минута, кои ги поставија конечните 5:1.

Најдобриот стрелец на Баерн, Хари Кејн, првпат по 8. октомври остана без гол на првенствен натпревар.

Ајнтрахт сега е на седмата позиција со 21 бод, а втор е Баерн со 32 бода. Така Баер Леверкузен добива можност да им побегне на Баварците со шест бодови разлика со евентуална победа в недела на гостувањето кај Штутгарт.

На своето тренерско деби во Бундеслигата, хрватскиот стручњак Ненад Бјелица ја прекина негативната серија на Унион Берлин со победата на домашен терен од 3:1 против Борусија Менхенгладбах. Тоа е трета победа за Унион оваа сезона, а прва по 26-ти август. Кевин Воланд реализираше пенал за 1:0 во 24. минута. Бенедикт Холербах во 50. минута ја зголеми предноста на Унион на 2:0, а за 3:0 прецизен беше Микел Хауфман во 75. минута. Утешниот гол за гостите го постигна Аласан Плеа во 77. минута.

Со оваа победа Унион, од дното на табелата скокна на 15-то место со 10 бодови, а Борусија Менхенгладбах остана 10-та со 16 бодови.

Волфсбург загуби со 0:1 на домашен терен од Фрајбург. Австриецот Михаел Грегорич го потигна победоносниот гол за гостите во 74. минута. Волфсбург е на 11-та позиција со 16 бодови, а Фрајбург е осми со 21 бод.

Аугсбург беше поразен со 0:2 од Вердер на гостувањето во Бремен, а стрелци за победниците беа Никлас Старк во 39. и Марвин Дакш во 65. минута.
Аугсбург остана на деветтата позиција на табелата со 17 бодови, а Вердер на 12-то место со 14 бодови.